Др. Јадранка Бибан, независна кандидатка за градоначалник на Дебарца, ја изненади јавноста со своите плакати, на кои отворено порачува – да не гласаат за неа.
„Немој да гласаш за мене, се пријавив само за да можам да ти кажам нешто важно за твоето здравје и твојот живот’’ – е пораката испишана на нејзините плакати, покрај фотографијата и редниот број.
Др. Бибан е познат гинеколог – акушер и едукатор за лекување на болести со храна и здрави животни навики.
Основач е на проектот „8 – ка’’ чие мото е „Во потрага по вистината за нашите генерации“. Таа е еден од првите доктори на нашиве простори кои отворено зборуваат за значењето на традиционалната или Хипократ Медицина, во лекувањето на тешките болести, како и за потребата од воведување на исхраната како основна терапевтска метода во лекувањето на хроничните болести.
Нејзиниот несекојдневен плакат успеа да го привлече вниманието на јавноста и таа веќе добива честитки за досетливоста на социјалните мрежи.