Jубилејното дваесетто издание на забавната манифестација ,,Златна Бубамара на популарноста’’ и оваа година успеа да им ги отргне мислите од секојдневието на гледачите, да ги насмее, и да им покаже дека и кај нас има квалитетни настани кои што од година во година привлекуваат се повеќе публика.
Сепак, она по што многумина ќе ја паметат и спомнуваат годинашната Бубмара е секако настапот на Биба Додева, како специјалната обвинителка Катица Јанева, и Тина Трпкова како Фатиме Фетаи, а Нина Деан како Ленче Ристоска. Нивната изведба на песната за СЈО предивика бурни реакции и аплаузи, а пофалбите се уште и по неколку дена не стивнуваат. За настапот да биде уште повпечтлив придонесоа и членовите на танцовото студио „Ребис“. Песната веќе стана хит и се врти на повеќе радио станици, а Биба доби безброј комплименти на социјалните мрежи за одлично одиграната улога на Јанева. Со неа разговаравме околу тоа дали е лесно да се биде Катица Јанева, па макар и на пет минути.
,,Една од олеснителните околности околу овој настан, беше секако тоа што си личиме со Катица. Во глумата многу ми помогнаа и моите колешки Тина и Нина, па затоа можам да кажам дека не е тешко да си Катица, ако покрај себе ги имаш Ленче и Фатиме. Исто така, голема помош имав и од Сашко Коцев и Александар Митевски. Нина и Тина се професионални актерки, тие сфатија дека имам талент за глума, и цел месец ја вежбавме точката доста посветено’’ – вели Биба.
Таа додава дека вежбањето им минало во доста добро расположение, сите на некој начин ,,влегле’’ во филмот, па Тина и Нина дури започнале да и се обраќаат со ,,шефице’’.
,,Идејата овој настап да биде пародија без навреди, многу ми се допадна. Особено поради тоа што и самата често знам да се пошегувам на своја сметка. Ми беше посебно драго тоа што Катица ја прифати шегата на нејзина сметка. Додека ние трите настапуваваме, камерите ја снимиле нејзината позитивна реакција. За време на пробите во студио, се трудевме максимално да ги симнеме движењата на специјалните обвинителки. Пуштавме видеа од нив, следевме како одат, зборат, кои движења ги имаат. Јас дури толку многу влегов во филм, па кога не ми ,,отвораа’’ во песната, се развикав по Ленче за помош. Од толку смеење, едвај го продолживме снимањето! Но, сепак, искуството беше убаво’’- раскажува Додева.
Според неа, идејата за нивниот настап била на Ранко Бубамара, и тој од почеток верувал дека ќе бидат атракција, посебно поради физичката сличност на Биба и Катица.
,,Многу пати досега ми имаат кажано дека си личиме со Катица, ме прашале да не сме роднини. Знам дека си личиме, посебно во насмевката. А исто, буцки сме и двете и мислам дека добро го носиме и тоа. Како што се носиме и со јавниот живот. Посебно ми кажуваа дека си личиме во времето кога бојата на косата ми беше посмеѓа, а истото и го кажувале и нејзе, па така нашата прва средба беше доста интересна’’ – ни изјави Биба.
Сега, кога ги сумирала впечатоците од севкупниот настан, вели дека е задоволна.
,,Заборавивме да се смееме. Ако нашата точка ги засмеа луѓето барем на кратко, тогаш сум среќна’’ – раскажа поп пејачката и претседателка на македонското здружение за борба против ракот ,,Борка’’.
Сите кои што го пропуштиле генијалниот настап на Биба и нејзините колешки, вечерва со почеток во 20,30 часот на Канал 5 телевизија, ќе следи уште една една реприза на ,,Златна бубамара на популарноста’’.
Вики Клинчарова