Биба Додева: Длабоко им се извинувам на оние кои чесно и одговорно работат!

by fokus

Претседателката на здружението Борка и поп пејачка Биба Додева, јавно им се извини на медицинските сестри кои чесно и одговорно си ја извршуваат работата, и во отворено писмо порача дека била револтирана од односот од нивна колешка.

Извинувањето на Додева доаѓа откако таа на својата социјална страница напиша низа на навредливи зборови, бидејќи и била згрешена дозата на терапијата, по што од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолози побараа јавно извинување од неа.

Во прилог, обраќањето на Додева:

-Ова мое обраќање до јавноста, а особено до Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри е јавно извинување за човечките слабости кои сите ги имаме, особено кога здравјето ни е доведено во ризик од страна на оние од кои ни зависи животот и сме немоќни, па реагираме испровоцирано, исплашено, грубо и некултурно.

Нема оправдание за мојата реакција која беше во афект и која беше оценета како генерализирање. Тоа никако не смееше да се случи, имајќи ја предвид мојата долгогодишна и плодна соработка со медицинскиот персонал. Без него, би се намалил квалитетот на работењето и на БОРКА, за што впрочем и сум кажувала јавно во секоја прилика.

Длабоко се извинувам на сите оние кои чесно и најодговорно ја извршуваат најхуманата професија и кои мојата објава ја сфатија како навреда кон нив или омаловажување на нивниот ангажман.

Сестрите, целиот медицински персонал и докторите отсекогаш биле нераскинлива алка во моето постоење, бидејќи со вас работам и живеам. Нашата комуникација секогаш била, е и ЌЕ БИДЕ на највисоко професионално ниво. За мене една птица не го прави јатото и свесна сум за пожртвуваноста на сите кои ги работат овие професии.

Во чест на сите кои се деноноќно во болниците на само еден чекор од пациентите и во чест на оние кои го загубија својот живот во текот на пандемијата ја посветив наградата за најдобар албум на годината на минатогодишната Буба Мара.

Моќта на медиумите е неспорна и не за џабе ги нарекуваат 7-ма сила. Жал ми е што оние кои ја превземаа објавата наместо да ме прашаат за истата и да ми се јават за став, мислење, па и можност да го кажам она што го чувствувам, ги превртеа и генерализираа зборовите. Притоа дозволија секакви погрдни коментари, говор на омраза, како и мое линчување на нивните профили.

Жал ми е дека оние на кои најмногу им се восхитувам, не само сега во текот на пандемијава туку и во текот на целото свое работење со БОРКА, беа засегнати од лошо пренесената реакција и генерализирање на проблемот кој одамна постои во сите професии.

Ви се извинувам од срце дека мора да работите со колеги за кои знаете дека не ја оправдуваат мисијата на вашата професија и се вработени не поради искуство и посветеност, туку поради други околности. Тие и таквите придонесуваат да сте омаловажувани во една од најхуманите професии која нашево општество заборава да ја цени.

Ви се извинувам за зборовите кои скоро никогаш не ги користам, бев револтирана од односот на вашата колешка особено кога помислив како истите тие непрофесионалци се однесуваат со граѓаните кои бараат помош, а кои немаат како да го искажат своето незадоволство од страв и немоќ.

Воедно, сакам да им се обратам и на тие кои ме прозваа со навреди и клевети. Во музичкиот вкус нема да навлегувам, ниту во експлицитните навреди, бидејќи многумина од вас ќе стојат на ставот дека сум ги заслужила после објавениот пост, кој после ова обраќање ќе биде тргнат од мојот профил на Фејсбук.

Имам автоимуна болест и откако ја изгубив мајка ми, неколку добри пријатели од рак и ми се случија многу неубави работи, добив уште неколку здравствени проблеми кои доведуваат до тоа да сум отечена со повеќе килограми отколку што ви се допаѓа.

Вам, ви посакувам добро здравје и да ве потсетам на „ Тој што меѓу сите вас е без грев, прв нека фрли камен на неа”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости