Уапсени уште пет навивачи на Динамо, се обиделе да избегаат од Грција со брод, откако во нередите завчера беше убиен навивач на АЕК

by Fokus

Грчкиот медиум „Newsbomb“ објави дека грчката полиција во текот на ноќта од вторник кон среда уапсила уште пет хрватски хулигани кои учествуваа во тепачаката меѓу навивачките групи на фудбалските клубови АЕК и Динамо, во која загина едно лице а повеќе се повредени. Тие се обиделе да се качат на брод за Италија, тврди ЕРТ, но биле фатени и однесени во полициска станица, каде што биле сослушани, а потоа префрлени во Атина.

Сите 94 уапсени лица кои вчера беа приведени од грчката полиција по навивачките немири во пресрет на натпреварот од третото прелиминарно коло во Лигата на шампионите меѓу АЕК и Динамо ќе бидат изведени пред обвинител. Уште пет Хрвати, кои наводно учествувале во групата која ги предизвикала крвавите инциденти во Нова Филаделфија, доцна вечерта во вторникот биле донесени во Игуменица, додека со брод требало да отпатуваат за Италија, а оттаму да се вратат во Хрватска, јавува агенцијата АНА.

Вчера во Какавија е уапсен и 19-годишен Хрват кој со автобус се обидувал да замине од Грција за Тирана. По вчерашните навивачки немири во кои едно лице загина, а осум беа повредени, полицијата постави блокади низ цела Грција, особено на излезите од земјата, за да ги уапси сите инволвирани во наведените крвави инциденти.

Се проценува дека најмалку 50 хрватски навивачи се уште се во бегство, а во тек е лабораториско истражување на ДНК и други докази за откривање на сторителите на убиството. Медиумите вчера објавија дека е уапсен Грк за убиството на 29-годишниот Михалис, навивач на АЕК, што официјално не е потврдено.

УЕФА го одложи натпреварот, па хрватскиот шампион ќе биде на терен следната недела. Првиот натпревар се игра на 15 август во Загреб од 20 часот, а реваншот е закажан три дена подоцна. Вчера беа уапсени околу 96 Хрвати, а се уште не се знае кој го убил навивачот на АЕК. Грчкиот клуб е лут на Динамо.

 

 

 

Поврзани новости