Отворениот противник на вклучувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, Жидас Даскаловски, е државјанин на Бугарија повеќе од 20 години, објави БГНЕС.
Бугарскиот медиум наведува дека проф. Даскаловски, кој е советник за надворешна политика на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, доби бугарско државјанство по бугарско потекло во 2003 година, а пасошот го обновил во 2022 година.
„Во последната деценија македонскиот професор употреби различни дефиниции за Бугарија – од „голем брат“ до „окупатор“. Пред потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка (2017), Даскаловски зборуваше за бугарски „нож во грбот на Македонија“, закани со вето итн.
Тој денес ја брани идејата на премиерот Христијан Мицкоски за таканаречените „уставни измени со одложено дејство“, пишува БГНЕС.
Понатаму се додава и за министерката за енергетика Сања Божиновска, која беше прогласена за виновна за прикривање на бугарското државјанство и најави дека ќе ги праша своите адвокати дали се чувствува Бугарка. Сите членови на нејзиното семејство се носители на бугарски пасоши, додава БГНЕС.