Првото судско рочиште против министерот за надворешни работи Бујар Османи, по тужба за навреда и клевета од страна на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП), треба да се одржи денеска во Основниот суд во Скопје.
Претседателот на ММДЧП Бил Николов и здружението на На 27 јануари годинава, поднесоа тужби за навреда и клевета против Османи и против порталот „360 Степени”. ММДЧП упати јавна покана до сите медиуми и сите заинтересирани Македонци, да присуствуваат и да известуваат од судењето по тужбата.
Османи лани во октомври за бугарската телевизија БТВ изјави дека треба да се види кој стои зад отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, при што го посочи ММДЧП како еден од финансиерите.
– Кога дознав кој го финансира клубот ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада, која има и своја веб-страница и доколку ги гледате позициите кон државата, кон стратешките интереси на државата ќе видите дека не е во функција на тие стратешки интетреси и не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу двете земји. Фактот што финансиер на тој клуб е тоа здружение, за мене е доволен факт дека оваа иницијатива нема добра намера – кажа Османи пред отворањето на македонскиот клуб во Благоевград.
На неговите изјави реагираат од македонското движење од Канада.
„Османи е гласно против сите кои ќе изразат несогласување со режимот и со американските антимакедонски политики и нивното кршење на човековите права и граѓанските слободи. Изјавите на Османи се лажни, навредливи и клеветнички за ММДЧП и за претседателот на организацијата Бил Николов“, соопштија тогаш од ММДЧП.