И беше свекрва на Моника Белучи, а ,,Мајче” на колегите: Почина битолската актерка Ратка Радмановиќ

by Fokus

Голем број на колеги и почитувачи на нејзиното дело денес се збогуваат со Ратка Радмановиќ, познатата филмска, телевизиска и театарска актерка, која почина на 83-годишна возраст.

Радмановиќ, која го посвети работиниот век на Битолскиот театар, зад себе остави впечатливи улоги во филмовите ,,Мајки”, ,,Пред дождот”, ,,Панкот не е мртов”, ,,Сенки”, ,,Врба”, Прашина”, ,,До балчак”, ,,Трето полувреме”, ,,Големата вода” и многу други.

Освен за домашните режисери, таа беше интересен лик и за популарниот босански режисер Емир Кустурица, кој ја ангажираше во неговиот филм ,,На млечниот пат”. Филмот е од 2016 година, со филмската дива Моника Белучи и Кустурица во главните улоги, а пак Радмановиќ, која во тој период веќе беше пензионерка, ја глумеше свекрвата на Белучи.

За добиената улога во ,,На млечниот пат”, своевремено таа раскажа дека била избрана без кастинг. Се сретнале со Кустурица во неговото село Дрвенград, таму преноќила, а наредниот ден заедно заминале во Каменград. Тој и кажал дека ги гледал нејзините филмови, имал доверба во нејзините актерски способности, па затоа по четири дена од средбата и јавил дека ја добила улогата.

Покрај неа во филмот на Кустурица глумеше и македонскиот актер Петар Мирчевски, а снимањето траеше 50 недели. Радмановиќ починала по кратко боледување, а помеѓу нејзините колеги беше позната како ,,Мајче” поради мајчинскиот лик во филмовите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости