Безбедносната состојба на подрачјето на СВР Куманово и Регионален центар Север поволна 

by Fokus

Намалување на кривични дела и зголемување на откривачка дејност во делот на миграција, се регистрирани на подрачјето на СВР Куманово и Регионалниот центар Север, информираше при денешната посета во Куманово, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Безбедносната состојба на подрачјето на СВР Куманово и на РЦ Север е поволна и на задоволително ниво, нагласи министерот Спасовски, додавајќи дека е важна и за граѓаните од овој регион и во рамки на генералната безбедност на земјава.

Заедно со раководството на МВР, Спасовски се сретна со надлежните од секторот за внатрешни работи Куманово и Регионалниот центар Север, со цел, како што рече, согледување на сработеното и резултатите во годишната што привршува.

На средбата министерот Спасовски беше информиран за безбедносната состојба на подрачјата на СВР Куманово и Регионалниот центар Север, за активностите кои се преземаат, во насока на намалување на стапката на криминалитет, одржување на поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција, со единствена цел, подигнување на безбедноста и заштита на граѓаните.

Според статистиката, во периодот јануари – ноември 2022 година, споредбено со истиот период лани, вкупниот број на кривични дела бележи намалување за 13, 3 отсто.

-Во истиот период во однос на активностите насочени кон спречување и откривање на недозволена трговија со дрога и оружје, СВР Куманово бележи зголемување во откривачкиот дел за 21, 7 проценти. Позитивниот тренд во 11-те месеци годинава присутен е и во областа на безбедноста во сообраќајот. Само во месец ноември 2022 година споредбено со ноември 2021 бележиме намалување на вкупниот број на сообраќајни несреќи за 34,8 проценти проценти, изјави Спасовски.

Во однос на подрачјето на Регионалниот центар Север, министерот за внатрешни рече дека има позитивен тренд на работење. Од почетокот на годинава досега споредбено со истиот период минатата година, постигнато е зголемување во откривачката дејност на фалсификувани возила за 400 проценти.

-Во делот на откривање на илегалната миграција годинава бележиме зголемување за 8,5 проценти на бројот на откриените илегални преминувања споредбено со 2021 година и зголемување на откривачката дејност за 15 проценти за откриени случаи на криумчарење мигранти. Што се однесува за бесправна сеча и пустошење на шуми годинава имаме тренд на зголемување на откриената дрвна маса за 11 проценти. Во периодот јануари – ноември 2022 година споредбено со истиот период во 2021 година се бележи тренд на зголемување на откриените случаи на прекуграничен криминал за 22,2 проценти, изјави Спасовски.

Тој е уверен дека СВР Куманово и РЦ Север ќе продолжат со зголемена динамика при реализација на превентивните активности, но и на репресивните мерки, и ќе се постигнат добри резултати и ефикасност, што дополнително ќе биде мотив за подобри резултати, наредната година.

Поврзани новости