Без реклами и со помалку од 900 следбеници функционира телевизијата на владиката Петар

by Фокус

Од први мај годинава започна со работа Вистел – Вистинска телевизија, односно телевизијата на владиката Петар, која во Скопје и околината емитува целодневна програма, а може да се следи во живо насекаде преку линкот кој е објавен на веб страницата на истата.

До денес не е познато кој ја финансира телевизијата која е во сопственост на фирмата ,,Преобразба ДООЕЛ Скопје”, чиј пак основач е Петар Каровски, односно митрополитот Петар. На Фејсбук страницата на телевизијата по околу шест месеци од стартувањето на истата, може да се види дека има 808 следбеници и околу 660 допаѓања, иако во тек на ден постојано се објавуваат нови содржини.

На официјалната интернет страница на Вистел пак, од каде може да се гледа програмата во живо, исто така нема многу податоци, а во делот Импресум како единствен вработен е наведен новинарот Благој Шаклевски, како главен и одговорен уредник.

Како потсетување, битолчанецот Шаклевски е познат на јавноста како поранешен портпарол на општинската организација на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен советник на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, и новинар во битолската ТВ Тера.

Информации за други вработени лица нема, а впечатливо е и тоа што нема податоци ниту во делот за маркетинг, што значи дека доколку некој сака да се рекламира на телевизијата, нема достапен контакт, ниту пак истакнат ценовник на услуги.

Од каде се финансира телевизијата, која барем засега нема активна маркетинг служба ниту пак реклами, се уште е непознато за јавноста. Митрополиот не беше достапен на мобилниот телефон да одговори на нашите прашања, не само околу финансирањето, туку и дали е задоволен од гледаноста на Вистел досега.

Во неговиот последен разговор со ,,Фокус” од крајот на април, неколку дена пред официјално да започне со работа телевизијата, тој ни изјави дека ќе се труди да има поразлична програма од другите телевизии, нема да копира, туку другите ќе ја копирале неговата телевизија.

-Јас не ги прашувам сопствениците на останатите телевизии во земјава од каде и како се финансираат, важно е да биде се според закон. Нема што газди на други телевизии да се плеткаат во тие работи. Фирмата ,,Преобразба” чиј основач сум, ја доби дозволата за емитување, и има повеќе луѓе.

Нема да бидам дел од уредувачката политика на медиумот, но додека телевизијата да застане цврсто на нозе, ќе бидам тука, да помагам економски за нејзино опстојување- беше неговата последна изјава за телевизијата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости