Крушево полека се подготвува за дочек на новогодишните празници, а градот нема да се расфрла со пари за украсување на улиците. Оваа година украсувањето ќе биде скромно, без дополнително купување на новогодишни украси.
Градоначалникот на градот, Томе Христоски во разговор за „Фокус“ посочи дека нема да има ниту новогодишна забава и упати порака: да се почитуваат мерките, за градот да се заштити од корона вирусот.
„Средствата за украсување и новогодишна забава ќе бидат насочени во борба против корона вирусот. Ќе набавиме маски, средства за дезинфекција. Нема да купуваме дополнителни украси, туку ќе го накитиме градот со постоечките“, истакна Христоски.
Тој истакна дека за претстојните празници од новата година ќе бидат поставени редари и полициските службеници, со цел да нема групирање на мал простор и да се превенира ширењето на вирусот.
„Апелирам да нема групирање на месното население за време на празниците. Периодов очекуваме повеќе домашни туристи, на кои сите туристички места се насочија. Засега има огромен интерес и сместувањата во хотелите се 70 отсто резервирани. Пред еден месец, состојбата во Крушево беше сериозна, но завчера имавме 60 оздравени пациенти. Посакуваме така да остане и да немаме дополнителни проблеми со корона вирусот“ додаде градоначалникот Христоски.
Јорданчо Цветаноски