Без образ (ен)

by Фокус

Безобразниот Мицкоски се слика во црква со Томе Блажевски, претседател на бугарскиот клуб “Цар Борис трети”, а потоа безобразниот Мицкоски на прес го повикува народот да протестира против истиот клуб

Пишува: Стефан БОГОЕВ

Зборот “безобразен” често го користиме во нашиот речник. Од таа толку честа употреба на овој и на други зборови од секојдневието, користејќи ги по навика, треба од време на време да се потсетиме на нивното вистинско значење.

На Дигиталниот речник на македонскиот јазик на интернет кога ќе го впишете зборот “безобразен” го добивате следниот резултат: “Некој што е без образ, што не се срами од своите постапки, бесрамен, непристоен”.

Читајќи го ова, за жал, добив асоцијација на неколку наши политичари. Навлегувајќи подетално (што би се рекло во суштината), има еден политичар кој сериозно отскокнува од останатите во трката за најбезобразен во својата категорија. Мицкоски Христијан!

ХАРАНГА ВРЗ КОВАЧЕВСКИ

Наближува една година од мандатите на новите градоначалници. Пред само една година, кампањата влегуваше во својот фото финиш. И при такви ситуации, епитетите и пофалбите за кандидатите, земаат замав во борбата за глас повеќе.

Па така, овој безобразен политичар мисли дека ние, граѓаните, заборавивме како ја фалеше сегашната градоначалничка на Градот, Данела Арсовска. Само една година подоцна, “најдобрата менаџерка во Европа”, преку ноќ, за овој безобразен политичар стана “неспособна, криминална, тројански коњ на власта”.

Безобразниот пчелар, воден од потребата за што повеќе мед, влезе во отворена војна со пчеларката. И тоа за мед од 130 милиони евра! Скопјани не се битни. Битни се бизнисите, а нови автобуси, бесплатен јавен превоз, паркови и булевари кои пчеларот Мицко и пчеларката Данела ги промовираа, не станува збор воопшто.

Наместо проекти, скопјани гледаат проекција на крими филм во продукција на ДПМНЕ, шампионите за кримичи.

Актуелна е и темата со енергетската криза предизвикана од руската агресија во Украина. И кога се зборува за војна и војници, безобразниот политичар измисли ново оружје: Тогаш оперираниот Димитар Ковачевски, не бил опериран и здравствено загрозен, туку бил дезертер.

Во оваа харанга врз Ковачевски секојдневно беа пласирани гнасотилаци од Безобразниот и од неговата свита на безобразници, сместени во Белата палата, дом на безобразлукот. Притоа, сериозно се истакна еден безобразник (Ковачки), кој самиот тој дезертираше од армијата за да му служи на најбезобразниот Мицкоски.

Но оваа армија на безобразници, во трката на докажување кој има помалку образ, комплетно забега во своето безобразие. Дење плукаа по “Дезертерот Ковачевски кој е неспособен за Премиер”, а ноќе го повикуваа на средби за да разговарале за набавка на гас и струја, наводно за доброто на Македонија.

КАКО НА ФИЛМ

Та нели е неспособен за Премиер? Нели е дезертер и не може да ја извршува функцијата? Со тој ли “неспособен за Премиер и дезертер” сакате да седнете на маса!? Барем еднаш бидете принципиелни наместо безобразни и држете си до кажаниот збор.

И токму кога ќе помислиш дека ова е дното на безобразлукот, под дното излегува ново дно. Безобразните од ДПМНЕ овој пат се надминаа себеси. Нивните послушници со кои палат свеќи и одат по селски слави во црква, се истите кои го основаа бугарскиот клуб “Цар Борис трети” во Охрид. А другиот дел од нивните партиски послушници се оние кои организираат протести против истиот бугарски клуб.

Значи безобразниот Мицкоски се слика во црква со Томе Блажевски, претседател на бугарскиот клуб “Цар Борис трети”, а потоа безобразниот Мицкоски на прес го повикува народот да протестира против истиот клуб.

Па зошто не му се јавиш на претседателот на клубот кој ти е пријател и пријателски да му кажеш да не го отвора тој клуб со тоа име, наместо да го поддржуваш да го отвори за потоа ти да протестираш пред клубот!? Исто беше и со бугарскиот клуб “Ванчо Михајлов”, вмровски безобразници го отвораат, други вмровски безобразници протестираат против отворањето. Како на филм!

На почетокот рековме дека безобразен е некој што не се срами од своите постапки. Страницава во “Фокус” е премала за да ги набројам сите безобразлуци на Мицкоски и армијата од безобразници. Велат дека “Само вселената е бесконечна”, а јас би го додал и “вмровскиот безобразлук”. Време е да замине безобразлукот во историјата и таа партија да се реформира. Само реформирана и е потребна на Македонија.

Поврзани новости