Додека институциите со години си ги префрлаат надлежностите и замижуваат пред проблемот, изградбата на Алипашината џамија привршува, пренесува телевизија 24. Без дозвола за градба минарето уште пред неколку дена доби купола, од вчера тргната е и зелената ограда и јасно од сите страни на Охрид се гледа кровната реконструкција во сива боја со златни елементи. Низ охридската чаршија со денови се зборува дека џамијата ќе биде пуштена во употреба на празникот Бајрам, но потврда од засегнатите страни нема.
Градоначалникот на Охрид освен што не знае дека објектот следниот месец ќе биде пуштен во функција,досега не го видел ниту минарето ниту куполата иако според неофицијални информации неговата висина е 25 метри и во моментот е највисокиот објект во старото градско јадро.
Исто како и градоначалникот и премиерот Заев не знае што се случува на објектот иако пред изборите ветуваше дека преку дијалог ќе има решение. Но два месеци подоцна Заев вели дека не може да пушти машини да го сруши објектот и уверува дека сепак законите ќе преовладеат.