Да ми кажал некој пред една година, немаше да верувам дека ќе се најдам во овој свет на светскиот моделинг, бидејќи секогаш сум бил спортист и фудбалот беше мојата најголема пасија, вели Христијан Богески (24) од Скопје, до неодамна фудбалски судија, а сега модел пред кого стои голема кариера.
Како што појаснува за ,,Фокус”, на наговор од негови пријатели имал кратка соработка со неколку македонски модни брендови, направил неколку фотосесии за нивните потреби, но никогаш не се гледал како дел од тој свет.
Но, без негово знаење, неговите пријатели испратиле фотографии до познатата турска модна агенција ,,Даман”, по што следела голема пресвртница во неговиот живот.
-Добив повик од сопственикот на агенцијата од Турција, ниту самиот не знаев за што станува збор. Тој беше воодушевен од моите фотографии, и иако појаснував дека сум аматер во моделството, сепак на крај потпишав договор и заминав во Истанбул. Јас сум првиот Македонец кој потпишал договор со ,,Даман”, сега по еден месец се вратив од Истанбул, а деновиве заминувам во Милано.
Ме чекаат кастинзи пред големи светски имиња од модната индустрија, веќе имам договорено и кастинзи во Дубаи, Барселона, Јапонија… Ми се сврти светот, во кој најважен ми беше фудбалот, навивањето за мојот омилен клуб ,,Ливерпул”, спортските терени… Непланирано е сето ова кое ми се случува, но се надевам дека непланираните нешта во животот некогаш можат да донесат најубави искуства, вели Христијан.
Додава дека се подготвува за животните предизвици кои му ги донело новото поглавје, и се надева дека секаде ќе може достоинствено да ја претставува Македонија.
Исто така, вели дека случувањата со моделството кои сега ги живее се знак дека никој не знае што може да му донесе новиот ден, и иако на почеток се колебал, сега веќе ги прифатил новите можности како едно убаво животно изненадување.
Вики Клинчарова