Бев погрешно цитиран, „Астра Зенека“ може да се дава на лица над 60 години, вели Кавалери од ЕМА

by Fokus

Вакцината на „Астра Зенека“ има далеку поголема корист отколку ризик за сите возрасни групи, особено за луѓето постари од 60 години, објаснува шефот на работната група за ковид-19 во Европската агенција за лекови, Марко Кавалери. Тој реагира дека неговата изјава вчера била погрешно интерпретирана, кога медиумите пренесоа дека ЕМА одлучила да не се дава вакцината на „Астра Зенека“ на лицата повозрасни од 60 години, поради можни проблеми со згрутчување на крвта.

-За жал, моите зборови не беа добро интерпретирани во интервјуто за ‘Ла Стампа’. Вакцината на ‘Астра Зенека’ има многу повеќе придобивки отколку ризици за луѓето од сите возрасти, а особено за луѓето постари од 60 години, изјавил Кавалери за „Ројтерс“.

„Ла Стампа“ го смени насловот на статијата на својата веб-страница, но главниот уредник на италијанскиот весник, Масимо Џанини, немал коментар, пишува „Ројтерс“.

Позицијата на Европската агенција за лекови е дека вакцината на „Астра Зенека“ е безбедна и може да ја користат граѓани постари од 18 години. Дел од државите сепак одлучија да не ја користат оваа вакцина на сите категории граѓани, меѓу кои и здравствените власти во земјава кои од неодамна не ја аплицираат „Астра Зенека“ на лицата помлади од 60 години.

 

Поврзани новости