Бев матурант, тоа лето го завршив средното училиште, сакав да се запишам на факултет, да студирам, да имам живот како и сите мои врсници. Сакав да го започнам новото поглавје во мојот живот, пред себе ја гледав мојата иднина и ниту во еден момент не помислував дека сите мои планови можат да се срушат за една секунда.
Од наивна, би рекол детска забава, мојот живот комплетно се смени и никогаш повеќе нема да биде ист. Моите цели, уште пред да започнам да ги остварувам беа прекинати – вака ја започнува својата животна приказна дваесет годишниот Дарко Циревски од Ресен, младо момче кое пред две години при скок во вода го повреди петтиот вратен пршлен, по што остана во количка.
Има целосна парализа на нозете, додека пак рацете може делумно да ги движи.
По несреќата поминал долг период во болница во Скопје, а потоа и во Битола. Денес, најголемиот дел од времето го минува дома, со семејството и грижата за него ја превзела неговата мајка.
-Несреќата се случи за време на летниот распуст во 2017 година. Беше убав сончев ден, заминав на Преспанско Езеро, во Сливница. Полн со живот, со соништа за иднината… Ни самиот не знам како, зошто… При скок во вода, од здрав млад човек завршив во болница, со тешка повреда на `рбетниот мозок. За помалку од една секунда ми се смени целиот мој живот, животот на моите најблиски. Од обична забава, до несреќа. По првичниот шок, започна периодот на рехабилитација. Воопшто не е лесно да и се погледне на иднината во очи сега, но собрав храброст и продолжив понатаму. Го зачував позитивниот дух, правам редовни вежби во клиники во земјава, се надевам на подобрување во движањата на рацете. Не е лесно, но нема назад – вели Дарко.
Додава дека ретко излегува надвор, но затоа пак е среќен што другарите не го забораваат, често доаѓаат кај него дома, минуваат време заедно.
-Ја прифатив вистината, се трудам да гледам само напред. Малку е ако кажам дека ми се смени комплетно целиот живот. Ова нека биде еден апел до сите млади, дека од забава може да дојде до трагедија, да внимаваат кога одат на базен, на езеро… Еден незгоден скок во вода може да ги чини цел живот. И јас мислев дека мене вакво нешто не може да ми се случи, но се случува, и не избира кому, кога, како…
Поради состојбата во која сум сега, не студирам, не работам. Единствена надеж за подобрување во овој период ми е лекување на клиника во Хрватска, односно тримесечен третман кој изнесува 26.000 евра. Би ја искористил можноста да ги замолам хуманите граѓани да донираат, бидејќи во клиниката во Загреб, каде се прават напредни роботски и слични вежби и третмани, гледам како на голема можност за значително подобрување на мојата состојба – раскажува момчето.
Тој не е единствениот кој при скок во вода се здобил со сериозни повреди.
Секое лето во земјава се случуваат голем број на повреди на млади лица при скок во базен, река или езеро.
Минатата недела д-р Илир Хасани, директор на Клиниките ТОАРИЛУЦ јавно апелираше децата и возрасните да внимаваат кога ќе се решат да скокаат во вода, бидејќи само ова лето пет момчиња помлади од 15 години завршиле на лекување на трауматологија, ортопедија и Карил. При скок во вода сериозно го повредиле вратниот ‘рбет. Според него, пациентите настрадале во различни базени, но сите уште долго ќе бидат во болница и цел живот ќе бидат парализирани.
-Децата и возрасните никако да не скокаат во плитки и непроверени води. Ако баш се инсистира на скок со глава тогаш треба да се скокне прво на нозе да се испита убаво теренот. Да видат дали е длабоко за да не дојде до некоја фатална повреда на ‘рбетниот мозок на вратниот ‘рбет. Уште еднаш ќе потенцирам: Не ме доведувајте во ситуација да не можам да ви помогнам – минатата недела порача д-р Илир Хасани.
И Дарко се приклучува кон неговиот апел, порачува посебно да се внимава.
-Никој да не го доживее ова низ кое што јас минувам и со кое се соочувам сега. Но, времето не се враќа назад, мора да се живее – изјави младото момче за ,,Фокус”.
Сите хумани граѓани кои што се во можност да му помогнат да ги собере потребните 26.000 евра за лекувањето во Хрватска, можат да донираат на броевите за донации:
Телеком: 070-143-144
Вип: 143-470
Трансакциска сметка: 210501677982873 NLB банка.
За донации од странство :
IBAN Code: MK07210501677982873,
Bank name: NLB BANKA AD SKOPJE
Bank address: Majka Tereza br. 1
Country: MAKEDONIJA
SWIFT: TUTNMK22