Бетонското игралиште во ОУ „Киро Глигоров“ ќе било изнајмено само на неколку часа

by Fokus

ОУ „ Киро Глигоров“ Центар, Скопје во целост ги демантира информациите кои се поврзани со постапката за отстапување на користење на бетонското фудбалско игралиште во дворот на училиштето.

-Потенцираме дека на бетонското фудбалско игралиште ќе нема поставување на никаков придружен објект, кој ќе се користи за други намени, како што известија дел од медиумите. Изнајмувањето на игралиштето е предвидено само по неколку часа во работни денови и само на фудбалското игралиште, додека останатиот дел од училишниот двор останува отворен за децата и за родителите, се вели во реакцијата од училиштето.

Оттаму појаснуваат дека целокупната постапка околу избор на правно лице кое ќе го користи просторот бетонско фудбалско игралиште е спроведена во согласност на законите. По претходно запознавање, донесена е Одлука од страна на Училишниот одбор, составен од три претставници од Совет на родители, три претставници од Наставнички совет и еден претставник од локалната самоуправа. Дадена е согласност од претходниот градоначалник Саша Богдановиќ на 25.5.2021, по основ на Одлука за давање на користење на училиштен простор и спроведување на други активности во врска со основните училишта на Општина Центар, донесена од Советот на Општина Центар.

ОУ „Киро Глигоров“ останува отворено за разговор со сите засегнати страни, со единствена цел – изнаоѓање на трајно решение кое нема да наштети на ниедна страна.

Инаку, вчера родителите излегоа на протест пред училиштето и обвинуваа дека бетонското игралиште во склоп на училишниот двор му е дадено на користење на приватен концесионер „Форца“, кој, според нив, планира да го загради игралиштето со шестметарска ограда, а наводно планирана е и изградба на кафуле.

Родителите, наводно, воопшто не биле известени, ниту дале согласност за изнајмување на спортското игралиште. За договорот случен во 2021 година дознале пред некој ден. Родителите бараат да се преиспита регулативата која дозволува училиштето да склучува комерцијални договори и истите да бидат само во интерес на децата.

-Шест метри со ограда, на што ќе личи тоа како во кафез, изјави Билјана Петровска, родител на дете што учи во ова скопско училиште.

Од Општина Центар под чија надлежност е училиштето велат дека во наредните денови, откако градоначалникот ќе се врати од службено патување, ќе се одржи состанок со претставници на родителите кои протестираа со цел да се изнајде решение во интерес на децата од Капиштец.

Поврзани новости