Општина Центар е првенец во обезбедување бесплатни услуги за своите граѓани. Денеска, на одбележувањето на Светскиот ден на оралното здравје, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски заедно со претставници од Стоматолошкиот факултет ги промовираа новите бесплатни услуги за граѓаните. Станува збор за користење услуги од областа на болести на устата и пародонтот, орална хирургија, болести на забите и ендодонтот, стоматолошка протетика и услуги од областа на детска и превентивна стоматологија. Услугите ќе бидат достапни за сите деца до 18 годишна возраст и сите социјално загрозени семејства со потврда од МТСП кои се жители на територија на Општина Центар.
„Оралното здравје е исклучително важно за целокупното здравје на секој човек. За жал, како граѓани навикнати сме да ги посетуваме стоматолозите тогаш кога веќе имаме проблем или болка. Затоа со обезбедувањето бесплатни стоматолошки услуги ние имаме за цел да ги доближиме услугите до граѓаните со цел нивно почесто користење. Здравите навики се стекнуваат од мали нозе и за тоа денеска ни помогна професорката Елизабета Ѓоргиевска од Стоматолошкиот факултет со цел да ја развиеме свеста за важноста на оралното здравје“, истакна Герасимовски.
Заинтересираните лица за користење на услугите ќе може да закажат термин од понеделник до петок, од 08:00 до 14:00 часот, на телефонскиот број на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Стоматолошки факултет-Скопје или на 071 223-320 по принципот прв дојден прв услужен. На веб страната на општината https://www.centar.gov.mk/?p=20359 може да се прочитаат и потребните документи за користење на бесплатните услуги.