Новиот текст Предлог-законот за бесплатна правна помош, како дел од Стратегијата за реформи во правосудството беше усвоен денеска на владина седница.
Со предлог-законот се уредува правото на бесплатна правна помош, постапката во која се остварува, корисниците, условите и начинот на неговото остварување, и кој треба да обезбеди еднаков пристап на граѓаните, особено на социјално ранливите и маргинализирани категории на граѓани, заради запознавање, остварување и овозможување ефективна правна помош, во согласност со начелото за еднаков пристап до правдата.
Владата ја разгледа и усвои Информација за поставеноста и дејствувањето на целокупниот систем за кризи, имплементацијата на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи.
Информацијата, придружена со насоките за реформирање на овој систем со користени компаративни искуства тргнува од утврдената потребата од реформи на поставеноста на системот за управување со кризи и системот за заштита и спасување за да се создаде ефективен, ефикасен и координиран одговор на преземање на активности во превенција, раното предупредување, прв одговор, справување и враќањето во првобитна состојба.
Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за текот на постапката за продажба на движните опасни и експлозивни ствари, што претходно биле во сопственост на згаснатата компанија АД АД “Теас-Темко“, и што се наоѓаа на имот на АД “Макпетрол“.
Согласно оваа информација Генералниот секретаријат на Владата спроведе постапка за продажба на движните опасни ствари согласно претходна владина одлука, со што трајно се отстранети од територијата на нашата земја.