Протоколите за патување надвор од земјава кои ни ги донесе пандемијата, придонесоа да заживеат нашите подзаборавени туристички дестинации. Добра локација на која може да се најде спас од летните горештини е плажата Николиќ на Дојранско Езеро, лоцирана на околу еден километар од населеното место Николиќ. Се простира на стотици метри, има ситен песок, голем број на лежалки поставени на растојание, детско игралиште со разни реквизити, лулашки, платформа во езерската вода на која исто така има лежалки.
За оние кои не се љубители на сончањето, веднаш до делот со ситен песок се простира тревна плажа, со дебели сенки. Она што е забележително, има огромно место за паркирање, а паркингот е бесплатен. За време на викендот плажата Николиќ беше преполна со туристи од цела земја.
Не се наплаќа ниту влез, а лежалките исто така беа бесплатни, односно доволно е гостите да ги користат услугите на барот. Во барот се нудат освежителни пијалоци по пристапни цени, од 50 денари за разни видови на кафе и сокови, па нагоре.
Исто така, има и широка понуда на брза храна. Латино музика, расположени посетители, многу од нив и со деца кои се разладуваа во езерската вода беше вчерашната слика од Николиќ. Родителите се задоволни, бидејќи за најмалите, освен забавните реквизити кои се поставени, местото е погодно и за капење затоа што околу 70 метри водата е плитка.
За оние кои сакаат мир најпогодна е тревната плажа, додека за туристите во потрага по забава идеална е песочната плажа, каде се истакнати најави за гостувања на диџеи во вечерните часови.
Николиќ е една од не многу промовираните во земјава, а сепак дестинација вредна да се посети. Оние кои барем еднаш ја посетиле летово, без двоумење велат дека пак ќе дојдат.
Вики Клинчарова