Општина Кавадарци доби електрично возило со кое старите и изнемоштени лица ќе ги превезува до градските гробишта за време на погреби и верски празници.
-Според годишната програма на општина Кавадарци, заедно со ЈП Комуналец, беа доуредени градските гробишта, но се набави и едно електрично возило за потребите на градските гробишта. Возилото ќе служи за превоз на граѓаните за време на погреби, верски празници и посетување на гробните места на блиските. Ќе има назначено шофер и ќе функционира од седум наутро до три часот на ручек. Ова е чекор во интерес на старите и изнемоштени лица – информира градоначалникот Митко Јанчев.
Проблемот со недостиг на паркинг места пред гробиштата исто така ќе биде надминат. Наспроти новите гробишта на површина од околу 2.700 метри квадратни ќе се прави нов паркинг простор, со цел да се стави крај на гужвите кои се случуваат за време на верските празници.
-Покојните треба да имаат мир овде, да не се влегува со возила внатре, да се има соодветен транспорт за старите и изнемоштени лица. Користењето на електричното возило, кое е набавено по цена од еден милион денари, нема да се наплаќа – појаснуваат од ЈП Комуналец Кавадарци.
Вики Клинчарова