Гладен не се учи, но што јадеш е подеднакво важно како и тоа дали воопшто имаш што да јадеш.
Јасно е дека задолжителното образование е еден од најважните периоди во животот на секој човек. Во ова време децата ги стекнуваат основните знаења и вештини кои ќе ги користат цел живот. Истовремено поминуваат период на телесен и умствен развој. Поради ова, неопходно е да имаат здрава и адекватна исхрана која ќе ги поддржи двата процеси.
За жал, социјално ранливите семејства не можат секогаш да им ја задоволат оваа потреба на своите деца. Често се принудени да ги хранат со најевтината храна, која е обично нездрава и ненутритивна. Дополнително, економските потешкотии со кои се справува народот во последниве години има ставено многу родители во тешка ситуација каде што мора да намалуваат трошоци, понекогаш на грбот на квалитетна исхрана.
Ова ја загрозува иднината на многу деца, кои ќе имаат понеквалитетно образование и развој, поради што ќе им е уште потешко да ги надминат разните нееднаквости и недостатоци. Вака се создава циклус на неправда која мора да се прекине за да се подобриме како општество.
Иако социјалната неправда е комплициран проблем и нема едноставно решение, бесплатен оброк за секое дете е само еден чекор кон поеднакво општество.
Несигурност на храна
Еден концепт кој е релевантен во овој контекст е несигурноста на храна(food insecurity). Тоа е ситуација во која некое лице нема редовен пристап до доволно безбедна и квалитетна храна која му е потребна за здрав и активен живот. Ваквата состојба се должи на многу фактори, но најчесто е поради недостапност на храна или ресурси потребни да се купи храната.
Луѓето во овие ситуации јадат понеквалитетна храна, прескокнуваат оброк, или не знаат кога ќе можат да го имаат следниот оброк. Во екстремни случаи, некои луѓе може да немаат ништо да јадат и да останат гладни неколку денови.
Исто така, ова влијае на луѓето во различни временски периоди. Некои можат да доживеат привремена несигурност поради ненадејни економски потешкотии. Но, семејствата од понизок социо-економски статус обично живеат во долготрајна несигурност.
Како лошата исхрана влијае на развојот и образованието на децата
Преку задолжителното образование, учениците поминуваат неколку часови од денот на училиште. Додека се таму, потребно им е да изедат барем еден оброк за да имаат доволно енергија да ја следат наставата и да ги вршат сите свои очекувани активности во и надвор од училиштето.
Семејствата во полоша економска ситуација често се принудени да штедат во многу делови во својот живот, вклучувајќи и на својата исхрана. Па така, дури и да можат да им овозможат на своите деца три оброци во денот, тие може да не се доволно квалитетни како што им треба на деца во развој. Со други зборови, овие семејства често доживуваат несигурност на храна.
Евтината храна често е многу процесирана, нездрава и со додадени нездрави шеќери и масти. Иако ваквата храна може да ги задоволи калоричните потреби на луѓето, често нема витамини, минерали и здрави состојки кои се неопходни за здрава исхрана. Ова негативно влијае на животот и здравјето на децата.
Дополнително, свежото овошје и зеленчук, кои се потребни за здрав развој на децата, се поскапи и не траат долго, па мора да се изедат во краток рок откако ќе се купат. Поради ова, социјално ранливите семејства не можат да си дозволат да ги купат овие продукти.
Што има науката да каже за оваа идеја?
Темата за бесплатни училишни оброци не е нова. Неколку влади и научници ширум светот веќе се заинтересирани во оваа мерка и можните придобивки што би имале ваквите програми.
Научници од Норвешка во 2019 објавија истражување во научното списание BMC Public Health, каде што извеле пробна програма за бесплатни училишни оброци. Откриле дека оваа програма го зголемило јадењето на здрава храна кај учениците, а особено кај децата од понизок социо-економски статус.
Друго истражување од 2021 година, објавено во Food Nutr Res, заклучи дека бесплатните оброци можат да имаат и други придобивки освен внесот на здрава храна. На пример, истражувачите потенцираат дека ваквите програми можат да промовираат повеќе интеракција помеѓу учениците и наставниците за време на оброкот, како и да го подобрат учењето, здравјето и еднаквоста кај децата.
Но, што е подобро: ваучери за храна или директно давање оброци во училиштето. Сепак, поедноставно е да се дадат само средствата на децата или родителите, и тие да ги користат за исхрана.
Токму ова прашање беше тема на едно истражување во трудот објавен во 2018 во списанието Appetite. Научниците откриле дека директната дистрибуција на оброци е поефективен метод, споредено со давање ваучери за храна. Конкретно, дознале дека со првиот начин се намалиле срамот и стравот од стигматизација поради добивање на бесплатна храна. Исто така, давањето оброци на училиште помогнало да се подобри образованието кај децата, бидејќи ваучерите почесто се користеле за семејни оброци дома.
Економската состојба ја влошува ситуацијата
Во последните години, многу држави доживуваат неколку економски кризи. Ефектите на Ковид пандемијата и војната во Украина ги имаат зголемено трошоците за живеење, вклучувајќи и во Северна Македонија.
Според Народната банка, инфлацијата во Северна Македонија за 2021 изнесува 3,2%, а за 2022 таа бројка е дури 14,2%. Предвидената инфлација за 2023 е 8-9%, пресметана во октомври 2022. Индексот за трошоци за живот исто така бележи раст во последната година. Според Државниот завод за статистика, тој е зголемен за 9,3% во јуни 2023, споредено со истиот месец од претходната година.
Поради ова, просечното семејство има помалку средства на располагање. Како резултат, повеќе семејства се во опасност од несигурност на храна. Дополнително, тие семејства кои веќе доживувале несигурност можат да се најдат во уште полоша ситуација.
Циклусот на нееднаквости мора да се прекине
Како што видовме, се повеќе семејства доживуваат некоја форма на несигурност на храна. И учениците кои потекнуваат од овие семејства можат да имаат полоша исхрана, која негативно влијае на нивното здравје, образование и иднина. Исто така, не им се овозможува да стекнат здрави навики за јадење за понатаму во животот.
Но, вреди да се потенцира дека овој проблем на учениците не прекинува во училиштето. Поради загрозеното образование, овие деца понатаму во животот не можат да најдат добри работни места. Дури и ако најдат некоја работа, тие можеби нема да се толку продуктивни и ќе имаат потешкотии да ја задржат работата за подолго време.
Процесот на образованието е клучен период на секој поединец. Освен што се стекнуваат со неопходни знаења и вештини, исто така растат и се развиваат во идни активни граѓани во општеството. А за ова потребно е доволно квалитетна исхрана.
Но, не сите родители можат да го дозволат тоа за своите деца. Поради разни причини, доживуваат несигурност на храна и преку тоа, образованието и иднината на нивните деца се загрозува. Ова формира циклус на сиромаштија.
Овој проблем не е едноставен и нема едно единствено решение. Но бесплатните оброци на училиште е една можна алатка за да се олесни овој проблем, и ова го поддржуваат неколку научни истражувања. На тој начин можеме барем да почнеме да се движиме кон поеднакво општество, во кое секое дете може да го оствари својот потенцијал.
Овој текст е напишан од младинскиот активист Денис Рајхл и е изработен во рамки на младинската програма за онлајн актвизизам имплементирана од Здружението за едукативен развој Еквалис во партнерство со Фокус, а поддржана од Националниот фонд за демократија, Европската младинска фондација и Советот на Европа.