Учениците од прво до петто одделение во основните училишта во Општина Кавадарци добиваат бесплатен оброк. Општината за оваа учебна година од буџетот обезбеди 19,5 милиони денари, односно околу 318 илјади евра за оброк на 1.810 ученици, за „Фокус“ истакна градоначалникот Митко Јанчев. Вели дека станува збор за мени во кое е вклучена разновидна храна, а децата добивале и овошје и пијалок.
-Менито е нутриционистички изготвено, а Кавадарци е прва општина во Македонија, која реализира ваков проект. Ова го најавивме во предизборната кампања, покрај оброкот децата добиваат и десерт, овошје, сок… Се надеваме дека семејствата се растеретени со тоа што оброкот за нивните деца е обезбеден додека се на училиште, и станува збор за здрава храна, а најважно, сите добиваат ист оброк, односно ставени се во еднаква ситуација – посочува градоначалникот.
Кавадарчани се задоволни од проектот. Храната била свежа, добро спакувана, на време доставена за време на големиот одмор, а менито било јавно истакнато во училиштата.
Вики Клинчарова