Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 16 ноември, 2022 година во бројот 1415
Не можеме да прифатиме да зборуваме за „заедничка историја со бугарскиот народ до 1945 година“. Нашиот народ, тој период го доживува како сопствено ослободување од бугарските, германските и од италијанските фашистички окупатори
Пишува: Стојан АНДОВ
Бугарската академија на науките (БАН) објави документ во кој ги изложила своите погледи кон РС Македонија. Во тој документ, што скромно го нарекла соопштение, стои дека Бугарија по никаква цена не смее и нема да се откаже од својата историја, во која составен дел е Македонија, како и од својот јазик, од кој е произведен македонскиот јазик.
Така напишале учените членови на БАН. Тие воопшто не водат сметка за нашите вистински ставови според кои Бугарија може да си мисли како сака и ние не инсистираме да менува во своите мислењa, ама да не става вето оти и ние не менуваме ништо во нaшите мислења и чувства.
Меѓутоа, ова соопштение и најверојатната несогласност на некои од бугарските академици, поради што е и наречено само соопштение, веројатно е производ на притисок од дел од бугарското раководство врз академиците да се огласат некако и да дадат подршка на владината политика.
Инаку, неверојатно е академици со кои сме се среќавале, а се среќавале и македонските академици, така едногласно да донесат вакво „соопштение“, бидејќи ова соопштение на БАН е спротивно на договорот за соработка што БАН го потпиша со МАНУ.
АКТ НА АГРЕСИЈА
Тие политички игри во Бугарија се провидни и препознатливи. Пораките што доаѓаат од официјална Софија во однос на историскиот спор со Македонија не се нови и не отстапуваат од позициите во изминатите шест децении.
Целата таа работа има свој корен во ликот и делото на Тодор Живков, комунистички диктатор, кој во Бугарија, 43 години владееше, како прв човек на Комунистичката партија, кој го подготви и го одржа т.н. Мартовски пленум во 1963 година.
На тој пленум беше напуштена сета дотогашна политика на Бугарија кон Македонија и македонскиот народ и вратена политиката на цaревите Фердинанд, Борис од Кобур и Гота…
Денешните позиции на бугарската држава се утврдени во низа одлуки на највисоките политички раководители и раководни тела на почетокот на 1960-те години, и оттогаш до денес се без никакви значајни измени.
Изјавите на водечки политичари од Бугарија, (Румен Радев, Екатерина Захариева, Красимир Каракачанов, Корнелија Нинова, Андреј Ковачев, Ангел Џамбаски и др.), како и на тамошните историчари, понекогаш се до збор исти со оние на Живков и на истакнатата комунистичка бугарска и советска функционерка Цола Драгојчева.
Всушност, како што истакна Ивајло Дичев, професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија, основното обвинување од Софија е што Северна Македонија воопшто постои, и доколку таа нова нација упорно одбива да се самоукине, тоа Бугарија го смета за акт на агресија.
„МАКЕДОНСКО ПРАШАЊЕ“
Mеѓународната заедница треба да помогне во радикално менување на јазикот што го зборуваат двете соседни земји.
И бугарската и македонската влада мора да бидат убедени во едноставната вистина дека меѓународната интеграција е насочена кон обезбедување мир и безбедност, а не кон историјата, симболите, спомените и националните емоции.
Двете влади мора да ја прифатат како своја должност замената на романтичниот јазик на сеќавања со прагматичниот јазик на меѓународната безбедност.
Давањето вистинска шанса на Северна Македонија за европска интеграција ќе биде клучно за демонтирање на тековната балканизација на Балканот, што се рефлектира во „македонското прашање“.
Меѓународните посредници, водечките земји-членки на ЕУ и САД мора да вложат големи напори да ја убедат Бугарија да го поддржи процесот на интеграција на Северна Македонија.
Оваа задача не е лесна, бидејќи сегашната политика наоѓа голема поддршка кај бугарските граѓани, слично на барањето на Грција Македонија да го смени своето име.
Нема да биде доволно бугарската влада да биде принудена да попушти под надворешен притисок. И иако во моментов нема непосредна опасност од пропаѓање на државата, како што имаше во 2001 година, постои постојан ризик.
Специјалните дипломатски мисии не доведуваат до одржлива стабилизација. Не би помогнало да се потпише нов договор од Охрид или да се промени Уставот, па дури и целосно нов Устав. Потребно е нешто многу поразлично.
Во интерес на сите соседни земји е радикално да се разделат од т.н. „македонско прашање“ и да почнат да размислуваат за општата стабилност на Балканот во современите термини на теоријата на меѓународните односи, како што оценува Стефан Попов, професор по филозофија и социологија на Новиот бугарски универзитет, во колумна за бугарскиот медиум „Кафенето“.
ПРЕКРОЈУВАЊЕ НА ИСТОРИЈАТА
Како што повеќепати сум напишал, суштината на решавањето на македонско-бугарскиот спор треба да ја бараме врз реалниот историски процес.
Република Македонија е држава создадена на антифашистичка основа. На антифашистичка основа е создадена и современа Европа и современиот свет, основана е организацијата на ОН и ЕУ.
Ништо од она што сме оствариле не било лесно и без трауми. Секоја фаза од развојот на нашата држава претставувала голгота. Ама издржавме. Убеден сум дека и денес ќе издржиме.
Република Северна Македонија е членка на НАТО и се стреми за полноправно членство во ЕУ, наоѓајќи се пред нејзините врати, и затоа не треба да се допушти да бидеме измамени од политиката на спомнатите бугарските државни раководители, како во бугарските, така и во европските институции, каде што основа и натаму во нивната политика е Санстефанска Бугарија.
Посебно е бесмислена политиката што ја водат спомнатите бугарски политичари во однос на македонскиот јазик, негирајќи го неговото неспорно постоење во нашата подолга историја, чии корени се во делата на Светите Кирил и Методиј и Свети Климент Охридски.
Прашањето за македонскиот јазик е во надлежност само на нашиот народ и нашата држава. И треба сосема јасно да ѝ дадеме на знаење на Бугарија таа да се грижи за бугарскиот, а ние ќе се грижиме за македонскиот јазик.
Непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија е, исто така, дел од анахроната бугарска политика, како резултат на илузијата за Санстефанска Бугарија и нацистичката теза што ја туркаше и фашистичка Бугарија – „една држава, еден народ“.
Во ослободителната борба на македонскиот народ, посебно место има Илинденското востание. Бугарската службена историја ги порекнува овие факти.
Тврди дека, на пример, Илинден е востание на македонските Бугари и го поврзува со Преображенското востание во Тракија, иако за тоа нема никаква поткрепа во историските факти.
Илинденското востание во Бугарија официјално било наречено „Илинденско-преображенско востание“ по повод 65-годишнината од чествувањето, сметано за „заедничка борба на Бугарите од Македонија и Тракија“.
Тоа не е вистина, туку еднострано толкување (прекројување) на историјата од бугарска страна. Ваквиот однос на Бугарија не е новина, но зачудува што е присутен и ден денес, во демократска Бугарија, членка на Европската Унија.
ГОЛЕМИОТ СИН
А за Гоце Делчев да го цитирам Тодор Павлов, академик, регент на Бугарија и висок партиски и државен функционер:
„Не смееме да бидеме неправедни кон сеќавањето на големиот македонски син, и затоа тука, сепак, сме должни да одбележиме дека Гоце напишал во едно свое писмо: „Така ли нема кој да напише барем една книга на македонски?“
Овој восклик на Гоце покажува дека ако тој беше жив, во никој случај немаше да остане рамнодушен на фактот дека денес во Македонија има маса книги, а не само поетски и публицистички, напишани токму на македонски јазик, кој веќе прилично се разви и сѐ повеќе и повеќе се дооформува и усовршува како нов литературен македонски јазик. (…)
Непобитен доказ дека желбата на Гоце е веќе историски факт, кој со никакви извртувања и со никакви провокативни подметнувања и интриги на нашите великобугарски реакционери, кои сакаат да го вратат тркалото на историјата наназад, не може да биде ниту одречен, ниту омаловажен или потценет.
Не можеме да прифатиме да зборуваме за „заедничка историја со бугарскиот народ до 1945 година“. Нашиот народ тој период го доживува како сопствено ослободување од бугарските, германските и од италијанските фашистички окупатори.
Не можеме да прифатиме заедничка одговорност за стрелањето цивили, и тоа без каква било вина, дури и на младинци, како во Ваташа, а интернационалниот карактер на фашизмот е многу јасно даден во тројниот пакт Рим-Берлин-Токио, на кој стана членка и Бугарија.