Состојбите во банкарскиот сектор, како и процесот што се одвива преку деловните банки за купување на граѓанската обврзница, којшто е во тек, денеска беа тема на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со претседателката на Македонската банкарска асоцијација Маја Стевкова Штериева.
„Процесот за запишување на граѓанска обврзница, што почна на 30 јуни со објавување на Проспектот за оваа прва емисија на граѓанска обврница, се одвива преку сите деловни банки, каде граѓаните може да отидат и да поднесат барање за учество на аукцијата и да го уплатат износот за кој се заинтересирани да купат обврзници“, изјави Бесими.
Тој рече дека според информациите споделени на средбата граѓаните покажуваат интерес за овој нов иновативен производ на домашниот финансиски пазар и за целата постапка добиваат поддршка во банките.
„Во овој процес сме заедно со банките во земјата и очекуваме тој успешно да се заокружи. На граѓаните им нудиме иновативен производ, кој истовремено им нуди сигурност за вложените пари, добар принос изразен преку каматата што ќе ја добијат и секако заштита на вредноста на парите во услови на високи стпаки на инфлација“, рече министерот Бесими.
Граѓаните имаат можност да поднесат барање за учество на аукцијата, односно за да купат граѓанска обврзница до 12 јули 2023 година. Минималниот износ кој може да го вложат е 10.000 денари, со купување на една обрзница.
За инвестицијата, која се смета за безризична и сигурна, ќе добијат принос од 5 % годишно. Каматата е фиксна и нема да се промени во периодот на кој е издадена граѓанската обврзница, односно две одини, како што е дефинирано во објавениот Проспект.
„Со Проспектот е предвидено да се запишат граѓански обврзници во износ од 10 милиони евра, износ кој може да се прошири зависно од интересот. Сите граѓани кои ќе поднесат барање ќе имаат можност да купат граѓанска обврзница“, рече Бесими.