Бесими: Ситуацијата е далеку полоша од економската криза во 2009 година

by fokus

Министерот за финансии Фатмир Бесими смета дека во актуелната ситуација што ја предизвика ковид-кризата, добро е што финасискиот сектор е стабилен.

На денешната средба со Македонската банкарска асоцијација, Бесими оцени дека е добро тоа што адекватноста на капиталот е 17 проценти, а ликвидноста 30 проценти.

– Тоа е голема предност во делот на справување со ковид-кризата. Индикаторите за вкупните депозити се 5,2 проценти, а кредитната активност е 8,8 проценти раст на годишно ниво. Во овој период кога останатите бројки се со негативен предзнак, добро е тоа што динамиката во финансискиот сектор е се уште со позитивен предзнак, рече Бесими.

Дека ситуацијата на економски план е сериозна, според Бесими, најдобар показател се БДП и јавниот долг, чии проекции се далеку полоши во однос на финансиската криза од 2009 година.

– Сега само во првиот квартал имавме пад на БДП околу 6,5 проценти, а со вториот квартал 12,7 проценти. Значи скоро четири пати падот на БДП е поголем во вториот квартал сега во однос на третиот квартал во 2009 година. Јавниот долг тогаш беше 26,7 од БДП, а сега сме на 39,5 проценти, истакна Бесими, додавајќи дека како Влада остануваат на стратешките определби за раст на економијата од четири до пет проценти на годишно ниво во следните години.

Најави неколку законски измени кои го опфаќаат делокругот на работење на банките, а во однос на ребалансот информираше дека ќе има зголемување на дефицитот и јавниот долг, но во мера за да не се загрози фискалната одржливост и финансиската стабилност.

Од Македонската банкарска асоцијација каде членуваат сите поголеми банки, беше посочено дека банкарскиот сектор е стабилен, со високо ниво на капитализираност и ликвидност и оти сите работат со добивка. Најавија дека ќе продолжат да соработуваат со сите засегнати страни со цел да се излезе од актуелната криза. Како дел од преземените активности во изминатиот период беа посочени одложувањето на плаќањето на кредитите, активната улога во издавањето на платежните картички и обештетувањето на штедачите од „Еуростандард банката“.

Поврзани новости