Министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека е можно во септември да има ребаланс на Буџетот ако се оцени дека е потребно.
Во Буџетот се обезбедени и 225 милиони евра за антикризни мерки кои стојат како резерва и досега средствата се реализираат според планот, изјави вечерва Бесими на ТВ „Сител“.
„Досега, тоа што го имавме планирано, го реализираме. Во однос на приходи и расходи сме блиску до 50 отсто, во однос на дефицитот сме на 55 отсто зашто капиталните расходи годинава имаат значително поголем раст и во однос на лани за 1,5 пати имаме поголем степен на реализација, над 45 отсто во оваа фаза. Се уште сме во планот, сметаме дека до крајот на годината ќе остане во рамките на планот, може да има во септември евентуално, ако се покаже потреба, и тоа е, во вакви улсови на кризни ситуации може, ако има потреба, да се редефинираат работите“, изјави Бесими.
Тој рече дека во Буџетот се обезбедено и 225 милиони евра за антикризни мерки кои стојат како резерва, и дека веќе 60 милиони се исплатени за ЕСМ во однос на субвенции за цената на струјата.
„Останува уште простор за поддршка до крајот на годината за потребите на граѓаните и стопанствтоо кои се најпогодени од инфлацијата и енергетската криза“, изјави Бесими.