Проспектот за првата аукција за граѓанските обврзници ќе се објави до крајот на овој месец со што овој нов финансиски инструмент ќе биде достапен за граѓаните, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими за „Фактор“.
„Постапката за купување на обврзниците ќе биде едноставна и ќе се одвива преку експозитурите на банките каде ќе се поднесуваат барањата за оваа обврзница“, изјави Бесими.
Тој објаснува дека по најавата за издавање на граѓански обврзници има голем интерес од граѓаните и дека поентата на граѓанската обврзница не е државата да собере пари.
„Аукции на државни хартии од вредност на домашниот пазар државата одржува веќе две децении и морам да нагласам дека изминатите години секогаш има огромен интерес од страна на институционалните инвеститори банки и фондови. Поентата е да се понудат нови можности за инвестирање на финансискиот пазар за граѓаните, можности кои се вообичаени во повеќето економии во светот“, изјави Бесими.
Тој верува дека со отварање нови можности за инвестирање, напоредно со јакнењето на финансиската едукација на населението, ќе се подигне општата свест за доброто управување со заштедите и можностите за заработка од нив.
Бесими објасни дека граѓаните кои своите расположиви средства ќе ги инвестираат во граѓанските обврзници ќе добијат надомест, односно атрактивна камата, која ќе биде позната со објавување на Проспектот за аукцијата.
„Граѓаните добиваат сигурност, бидејќи државните обврзници секаде во светот се сметаат за безризична инвестиција, инструментот го издава државата, а воедно ги штитат своите средства од ефектите од инфлацијата. Обврзниците имаат купонска камата, што значи дека секоја година на вложената сума ќе биде исплаќана договорената камата, додека на истек на рокот се враќа и вложената главнина, односно износот кој граѓаните ќе го уплатат. Граѓанската обврзница ќе има рочност од две години“, изјави министерот Бесими.