Претпријатијата и во наредниот период можат да очекуваат помош од државата, а 100-те милиони евра што треба да стигнат се токму за поволни кредити во приватниот сектор што беа спомнати во четвртиот пакет на економски мерки за справување со ковид кризата, порача министерот за финансии Фатмир Бесими.
-Владата има предвидено 50 милиони евра во Буџетот за ковид програмата и овие средства се повеќе од доволни за да се реализира петтиот пакет мерки во делот на платите за февруари и март, но и за другите инструменти што се преку Развојната банка како што се поволните бескаматни кредити со 12-месечен грејс период – рече Бесими на Сител.
Според него, Буџетот има средства и тој е ликвиден.
-Овој период е добро планиран, а добра е и реализацијата во делот на приходите чија реализација е 99 отсто. Ликвидноста на Буџетот апсолутно не е доведена во прашање и сега за сега е во добра кондиција и во однос на плати и во однос на стопанството. Нема ниту потреба, ниту место за шпекулации зашто фактите зборуваат дека даночните приходи од јануари до 15 март се за 4,1 отсто поголеми отколку во истиот период лани, вкупните приходи за 3,3 отсто, а зголемување имаат и приходите од придонеси и ДДВ и се поголеми од периодот кога немаше криза – појасни Бесими.