„Владата нема да се повлече од намерата ДДВ-то на сметките за електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи на регулираниот пазар да се зголеми од 10 на 18 отсто од 1 јули“.
Ова го потврди министерот за финансии Фатмир Бесими.
„Намалувањето на ДДВ-то беше една фаза во првичната енергетска криза со негово намалување од 18 на 5 отсто. Потоа тоа се зголеми на 10 отсто и враќањето на 18 проценти беше пролонгирано до јуни оваа година. Сега има нова методологија од Регулаторната комисија за енергетика со која се мотивира штедењето на потрошувачката со воведување на четири блок тарифи“ – рече Бесими.
Тој го поздрави фактот што се воведуваат четири блок тарифи.
Според Бесими, како компензација, Владата ќе продолжи да ги субвенционира трошоците за производство и снабдување на електрична енергија, што е и еден вид на компензација за зголеменото оданочување.
„Владата како сопственик на ЕСМ на Управниот одбор му даде насоки за цени пониски од цената на чинење и тоа значи дека ќе продолжиме со субвенционирањето. Нема да одиме со намалување на даночните давачки, туку со таргетирани мерки“ рече министерот.