Поранешните министри за финансии и за економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, во следните 12 месеци ќе добиваат апанажа поради престанокот на нивниот работен однос во Владата, a нивниот колега од поранешната влада, министерот за правда Кренар Лога, апанажа ќе добива во наредните девет месеци.
Одлуката за апанажа денеска беше изгласана од членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Со тројцата поранешни министри кои ќе добиваат апанажа се надополнува листата на која веќе се Бојан Маричиќ, Јетон Шаќири и Наим Бајрами.
Членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска изгласаа и четворица пратеници наместо секојдневни патни трошоци да користат надоместок за кирија за стан во Скопје.
Барањето за закупнина на стан им беше одобрено на пратениците Даниела Христова, Грација Бакраческа, Јован Јаулески и Јованка Тренчевска.
Денеска беше изгласано и Ристана Лалчевска да прима плата уште шест месеци до остварување на правото на пензија, како поранешен член на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.
Исто така, собраниската комисија одобри и поранешната генерална секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, да го оствари правото на отпремнина при заминување во пензија.