„Недостоинствен е статусот на медицинските сестри во државава и час поскоро треба законски да се регулира. Ако се додаде и огромниот одлив на медицинскиот персонал, што значи недостасува 50 отсто од кадарот, ситуацијата станува алармантна“. Ова денеска го посочија од Националното Здружение на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија (ЗМСТАМ) на првиот симпозиум на медицинските сестри инструментарки во Прилеп.
Претседателката на Здружението на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ – Гордана Бешлиевска рече дека недостасуваат национални програми, законски одредби и прецизни колективни договори.
„Во овој момент, статусот на медицинските сестри понедостоинствен ми се чини дека не бил. Нашето незадоволство е поради нашата непризнаеност, непрепознаеност во болниците, неплатеност или незадоволството од општествениот статус воопшто, на медицинските сестри, со оглед на тоа дека стартната плата на една сестра е израмнета со минималниот личен доход. Нам ни недостасуваат национални програми, ни треба во колективните договори да биде внесено за да ни биде платено како што треба, што ќе ни оцртаат нашите работни задачи, нашите стурчности. Бидејќи го немаме Законот, ја немаме регулирано проффесијата па затоа ги имаме овие проблеми во болниците. Тоа во однос на непризнаеноста на школите и секогаш систематизациите се параван во здравствените институции, поради кои не може да им се признаат високите школи“ рече Бешлиевска.
Таа напомена дека по ковид-пандемијата имаше насовно пензионирање, а најновиот и најзагрижувачки проблем е што сестрите си заминуваат од својата професија.
„Ако стандардите покажуваат дека на 100 000 жители треба да имате до 800 медицински сестри, односно на еден милион – 7 до 8 000, а во моментов сега сме сите околу 8000 медицински сестри во земјава, во старт недостасуваат 50 проценти. Тоа е многу голем процент и ги оптоваруваат сестрите во болниците. Мора Законот, кој по 32 години го истакнавме, треба да се донесе и да ги постави основите во образованието, стратегијата, компетенциите и признавањето на медицинските сестри“ – вели Бешлиевска.