Бешлиев за Фокус: Руско-украинската криза ќе влијае врз домашната економија

Притисокот од се повисоките цени на енергенсите ќе станат огромен проблем за земјава, вели извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора.

by Fokus

По нападот на Русија врз Украина кој започна утринава, светската економија ќе се раздвижи целосно. Како оваа војна ќе се одрази врз македонската економијата зависи од должината на конфликтот?

Веќе владее економска и енергетска криза, Северна Македонија е земја зависна од увоз, особено е критична состојбата со енергенсите, поточно гасот кој транзитира од Русија низ Украина.

-Руската Федерација е значаен трговски партнер на земјава. Во минатата година таа беше дваесеттиот трговски партнер на Република Северна Македонија. Самото тоа зборува дека руско-украинската криза ќе има влијание врз домашната економија, а колкаво ќе биде тоа зависи од должината на нејзиното траење и начините и методите за нејзино решавање, вели за „Фокус“ М-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.

Тој појаснува дека освен лани поради временските непогоди кај нас, секоја година извозната компонента беше во пораст, па трговската размена со Русија минатата година застанала на бројката од 233,5 милиони американски долари.

-На кус рок можеби во земјава нема одеднаш да дојде до висок раст на цените и проблеми со снабдувањето со енергенсите. Веќе денес цената на нафтата е повисока од 100 долари за барел. Поголем дел од набавките се веќе договорени. Но, на подолг рок притисокот од се повисоките цени на енергенсите ќе станат огромен проблем за земјава и работата на нејзините компании.

 

Најавите од руска страна дека Европа ќе мора да плаќа дури 2.000 евра за 1.000 кубни метра природен гас, што е 12 пати повисока цена од пред десетина месеци, потоа растот на цените на нафтата, електричната енергија и на суровините, само сигнализираат какви економски проблеми се во најава, додава Бешлиев.

Затоа, според него, и земјава треба темелно да се подготви за овие и многу други индиректни последици кои ги генерира руско-украинската криза и реакциите на светот на неа.

Санкциите на ЕУ имаат влијание и кај нас

Се очекува најновите настани да влијаат на трговската размена помеѓу двете земји, но во овој момент е тешко е да се предвиди какви и евентуално колкави последици ќе има во ЕУ врз трговската размена со Руската Федерација.

-Владата на Република Северна Македонија досега во рамките на своите можности и приоритети ги подржуваше компаниите од земјава кои сакаат да ги развиваат своите трговски односи со Русија.

 

Од нејзина страна веќе со години финансиски го поддржува настапот на македонски компании на две саемски манифестации во Москва, како и функционирањето на „Македонски дом“. Најголемата помош, сепак, беше што земјава не воведе санкции за извоз на храна во Русија, вели Бешлиев.

Тој додава дека дополнителен проблем е што сега се најавува приклучување на земјава на санкциите што ги најавува меѓународната заедница.

-Апелите од бизнисмените што тргуваат со руските компании е од евентуалните санкции да биде исклучен извозот на прехранбени и фармацевтски производи во оваа земја, додава Бешлиев.

Ќе расте и цената на пченицата

-Од кризата земјава тешко ќе може да се спаси. Ќе споменам и еден пример. Русија и Украина се производители на 27 отсто од пченицата во светот. Русија е и најголемиот извозник на пченица. Може да се претпостави какви ќе бидат последиците на цените и производството на храна без овие количини, вели тој.

Тој појаснува дека добрата вест е што размената меѓу двете држави бележи пораст од 12,4 отсто и е повисока за 25,7 милиони американски долари отколку во 2020 година (207,7 милион долари). Неповолната вест за земјава е што размената пораснала благодарејќи на зголемениот увоз, што придонел за пораст на трговскиот дефицит на страна на  Северна Македонија во размената со оваа земја.

Бешлиев додава дека македонските компании успеале да извезат стока на овој пазар во висина од 57,1 милиони долари (во 2020 година 60,3 милиони долари), што е пад од 5,4 отсто или вредносно за 3,2 милиони долари помалку од преклани.

-Но, напоменуваме овој пад се должи на минатогодишното мрзнење на главните земјоделски извозни производи: праските, нектарините и кајсиите. Само како илустрација извозот на овие производи е околу 15 милиони долари на годишно ниво. Притоа, увозот пораснал за 19,7 отсто. Од Русија е купена стока за 176,3 милиони долари (во 2020 година 147,3 милиони долари), вели Бешлиев.

Немаме силни директни штети, но македонската економија е веќе истрошена

Според Бешлиев во изминатите години изостанаа повисоки форми на економска соработка, како што е формирање на мешовити компании, соработка на заедничко производство, поголеми странски директни инвестиции и слично.

-Ако се земе сето ова предвид тогаш директните штети врз домашната економија не може да ги квалифицираме како „силни“. Меѓутоа,ако се додадат индиректните штети, тука имаме во предвид поголем број на стопански гранки, тогаш е сосема извесно дека престои тежок период пред македонските компании и воопшто за економијата, која и онака е истоштена од актуелната здравствена криза, додава тој.

Бешлиев како пример ја дава остварената соработка на почетокот од овој месец кога деловни луѓе од шест македонски винарии беа присутни на Националниот штанд на Република Северна Македонија на Меѓународниот саем за храна, пијалоци и суровини за прехранбената индустрија „Продекспо 2022“ во Москва.

-Беа остварени огромен број контакти со руските деловни луѓе, што уште еднаш го потврди интересот за нашите производи на овој пазар. Голем дел од компаниите ги продожија договорите за испорака на вино во Русија и се пред склучување на нови.

 

Лани беа извезени 2 милиони шишиња вино, а за оваа година предвидувањата се за зголемување на количините на извоз од 15-20%, но сега сето тоа е обвиено со неизвесност што е еден од клучните проблеми на бизнисот, заклучува тој.

Соња Танеска

Поврзани новости