Свештеникот Димитар Илиевски (39) од Преспанско – Пелагонсика православна епархија ја изгуби битката со корона вирусот. Веста за „Фокус“ ја потврди Митрополит Петар, кој вели дека во епархијата има уште еден позитивен свештеник, а двајца ѓакони кои имале близок контакт со позитивно лице биле во изолација.
-Јас не ни знаев дека нашиот свештеник е позитивен на Ковид-19. Првин бил на домашно лекување, дознав дека е инфициран дента кога поради влошена состојба го однеле во болница. Му била дадена кислородна поддршка, потоа од информациите со кои располагам, бил ставен и на респиратор, но ништо не помогнало. Свештеникот беше млад човек, немаше претходни здравствени проблеми – вели митрополитот.
Додава дека погребот ќе се одвива според законските регулативи во вакви случаи и од епархијата ќе ги почитуваат сите препораки кои ќе бидат дадени.
Пред пет дена во соборниот храм ,,Свети Великомаченик Димитриј” во Битола се одржа литургија на која присуствуваа повеќе верници.
Митрополитот Петар вели дека на свештениците и ѓаконите јасно им е посочено доколку имаат било какви симптоми, да не се кријат, веднаш да ги информираат останатите во епархијата и да се изолираат и побараат лекарска помош, со цел да не го загрозуваат јавното здравје.
-Во епархијата имаме 60 свештеници, десеттина ѓакони и 15 свештеници кои се во пензија или пак се во администрација. Мораме да се заштитиме и ние и верниците, ако некој не се чувствува добро, ако има било какви симптоми, мора да се изолира. Свештеникот Димитар Илиевски беше дел од епархијата околу десет години, ова е голема загуба за нас – изјави митрополитот.
Вики Клинчарова