Беше тежок момент да пуштам глас, но знам дека таа некаде горе беше горда на мене, кажа Узунов за емотивниот настап на „Коледарски хепенинг“

by Fokus

По две години пауза, поради ковид пандемијата, во Гевгелија се одржа 31-то издание на „Коледарски хепенинг“ – прославување на вечерта пред Бадник, во организација на ЛК СДСМ.

Пред ракометното игралиште масовно се собираа граѓаните да го проследат палењето на големиот коледарски оган и да уживаат во богатата музичка и хумористична програма, а организаторите велат дека целта на настанот е да ги сплоти сите без разлика на верска, национална или политичка определба.

Со топли напитоци и овошје, но и многу музика, присутните се разиграа и се забавуваа со настапите на Ѓоко Ѓорчев и Кате Танева, Ани Малинкова, Адријана Ацевска, Марјан Коцев, Наталија Данаилова, Ленче и Горан Кукиќ и многу други.

Голем впечаток остави изведбата на поп пејачот Игор Узунов, кој ја отпеа песната „Ранет херој“ и ја посвети на својата мајка која неодамна почина.

Инаку, Узунов е од Гевгелија, а присутните кои ја познавале неговата мајка како скромна жена со желба секогаш и секому да помогне, се потсетија на неа и нејзината добрина.

– Беше тежок момент да се одлучам да пуштам глас, но знам дека тогаш, во тој момент, таму некаде горе таа се гордееше со мене истата вечер, рече музичарот.

Свои настапи имаа и младите гевгелиски таленти Ања Поп Костова, Ѓорѓе Митров и Стојанче Кортелов, гостинката од Валандово, Ивана Коколанска и Слободанка Арнаудова.

Дејан Малзарков беше водител на манифестацијата, и исто така имаше свое стенд ап шоу. Традиционално хепенингот го отворија Распеани Гевгеличани со неофицијалната химна на градот „Трба трби“, а за крај настапи дувачкиот оркестар Агушеви, по што следуваше огномет.

На „Коледарскиот хепенинг“ во годините наназад имаат настапувано познати музички имиња од земјава како Тоше Проески, Каролина Гочева, Влатко Лозаноски, Ламбе Алабакоски, Елена Ристеска и многу други, но и гости од соседството како Бајага, Анабела и други.

Вики Клинчарова

Поврзани новости