Почитуван Команданте на УЧК и претседател на ДУИ, легендарен Абаз, ти благодариме што нé продаде толку скапо! Команданте, простете ни што тебе и твојот сијамски близнак, Муса Џафери, неправедно ве обвинувавме дека сте нé продале само за оваа куќа до нас, иронични му се заблагодарија членовите на движењето БЕСА на претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Тие одржаа протест пред објектот до Американската амбасада, а се случува откако њујоршкиот суд го отвори за јавноста сведочењето на поранешниот шеф на разузнавањето, Слободан Богоевски, за поткуп од “Маџар телеком”, во кое тој тврди дека оваа компанија исплатила 7,5 милиони евра мито на високи македонски и албански државни функционери.
-Ви благодариме што цената на албанското прашање не сте дозволиле да биде 100.000 евра. Навистина би се чувствувале понижени ако би не продале толку евтино. Но сега, кога разбравме дека сте не продале за 5.000.000 евра, го сменивме мислењето за вас. Вие навистина знаете да не продадете скапо, „се заблагодарија“ од БЕСА.