„Желино, кадешто се роди една партија (како Движењето БЕСА), може да биде и Желино кое растура една Влада“ – ваков фејсбук статус-предмалку напиша генералниот секретар на БЕСА Аријанит Хоџа, кој воедно е и министер за земјоделство.
Всушност, ваквата порака Хоџа ја упати во време додека Државната изборна комисија одлучуваше во однос на приговори поднесени од ДУИ за гласањето во Општина Желино, каде кандидатот за градоначалник на БЕСА победи во вториот круг со тесна разлика.
Поточно, Блјерим Сејди од БЕСА освои 5.171 гласа, додека неговиот противкандидат од ДУИ Фатмир Изаири освои 5.102 гласа, што е разлика од само 69 гласа, па приговорите на ДУИ можат да доведат до прегласување и евентуално поинаков краен исход.
Инаку, на денешната седница ДИК ги разгледа и овие два приговори за Желино од ДУИ, од каде посочиле дека отпечатоците од прст не се совпаѓале со бројот на гласачите, како и дека граѓанин гласал со неважечка лична карта.
Притоа, ДИК едногласно одлучи да биде отворена избирачката кутија со цел да се утврди дали граѓанинот гласал со неважечка лична карта на избирачкото место 2107, а потоа и да се утврдат неправилностите во гласањето со отпечаток од прст.
За да утврди дали имало неправилности, ДИК побара Општинската изборна комисија од Желино да и достави посебни обрасци на избирачките списоци со решенија за запишување на посебно избирачко право.
Го прашавме Хоџа дали неговата порака значи дека од епилогот на приговорите за Желино зависи опстанокот на владата, со оглед дека БЕСА има 4 пратеници во рамки од парламентарно мнозинство од 62 пратеници, но досега не добивме одговор.
Исто така, ДИК вечерва одлучуваше и за 3 приговори на ДУИ за Општина Студеничани, со образложение дека бројот на гласачите не се совпаѓа со вкупниот број на гласачки ливчиња.
Во врска со тоа, ДИК одлучи да се отвори материјалот за да се види фактичката состојба. Со објаснување дека приговорите немаат основа, членовите на Комисијата едногласно изгласаа дека се одбиени трите приговори на ДУИ.
Воедно, ДИК ги отфрли седумте приговори на ТМРО во Старо Нагоричане, со образложение дека не се поднесени преку овластен претставник или лично до архивата на ДИК, туку се поднесени до општинските изборни комисии.
По повлекување на приговорите од страна на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за изборните резултати во вториот круг во неколку општини, претседателот на ДИК, Александар Даштевски ги објави конечните резултати во Конче, Кочани, Пробиштип, Чешиново-Облешево, Шуто Оризари.