Беса не го дава мнозинството во Комисијата: Време е за квалитетни уставни судии

Комисиите се формираат според изборните резултати, а не според моментална ситуација, изјави за Фокус пратеникот на Беса Фадиљ Зендели.

by Фокус

Ако парламентарното мнозинство навистина има волја да се изберат уставни судии, тогаш не треба да бара начини да воспостави контрола во собраниската Kомисија за избори и именувања, туку да направи компромис со опозицијата за квалитетни кадри, вели за Фокус пратеникот на Беса Фадиљ Зендели, кој е член на оваа Комисија.

Откако Беса го напушти парламентарното мнозинство, како што веќе пишувавме, се блокираше работата на 7 собраниски комисии, каде практично мнозинството го немаат СДСМ и ДУИ со новиот партнер – Алтернатива, туку го контролира опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Беса…).

Притоа, една од блокираните собраниски тела е и она за избори и именувања, кое има надлежност да поднесува предлози за именувања, односно разрешување на функционери кои ги избира Собранието, да предлага членови на управни органи во јавните претпријатија итн.

Со тоа што мнозинството во оваа Комисија го има опозицијата, владејачките СДСМ и ДУИ тврдат дека треба да се направи нова распределба во комисиите, каде, според нив, треба да се рефлектира новото парламентарно мнозинство.

Правиме напори за промени во комисиите, но засега нема разбирање. Пратениците на БЕСА кои сега се во опозиција прават мнозинство во комисиите да има опозицијата, што е нелогично – ни изјави пратеник од власта, додавајќи дека местата на Беса треба да ги зазеде Алтернатива.

Според него, распределбата на членови и заменици во комисиите се прави врз основа на коефициент според бројот на пратеници во пратеничка група. Меѓутоа, со тоа не се согласува Зендели.

Комисиите се формираат според освоените резултати на парламентарните избори, а не според ситуацијата во даден момент, која може да се менува – вели Зендели.

Покрај Комисијата за избори и именувања, блокирани се и комисиите за уставни прашања, за одбрана и безбедност, за локална самоуправа, за земјоделство…

В.С.

Поврзани новости