Кога ќе се разјасни ситуацијата на политичката сцена и Алтернатива де факто ќе биде во опозиција, спремни сме да седнеме и да разговараме за вредностите што ги делиме, рече заменик-претседателот на Беса Арјанит Хоџа на „360 степени“.
-Ние сме имале различни нивоа на комуникација, не значи дека биле високи нивоа што носат до нивоа на коалиционирање или соработка, но комуникацијата продолжува и нормално дека во моментот кога ќе се разјасни политичката ситуација, кога Алтернатива де факто ќе биде дел од опозицијата, нормално дека нè обединува опозициската визија и ќе бидеме подготвени да седнеме и да зборуваме за вредностите што ги делиме. Доколку делиме истите вредности за тоа како сакаме да ја гледаме државата и иднината на државата, ќе седнеме и ќе разговараме и за други конкретни чекори. Сега е многу рано да разговараме за ова прашање – вели Хоџа.
Инаку, Алтернатива е партија што произлезе од Движењето Беса по поделбите што се случија поради лошите резултати на локалните избори во 2017 година.
Хоџа е убеден дека Беса ќе биде изненадување на изборите во позитивна смисла, бидејќи нејзиното „протегање е поголемо отколку што се мисли“.
-Можеби ние ја немаме владината пропаганда што ја имаат во моментот владејачките партии за оцрнување на политичките противници, но верувајте дека тоа што секој ден го гледаме, контактите што ги имаме секој ден, не сте свесни колку од тие што се дел од Владата почнале да разговараат за да ја обезбедат нивната иднина со БЕСА. Верувајте, ќе биде изненадување и ќе ги надминеме сите очекувања на политичките противници – порачува тој.
Според Хоџа, Беса нема стратешки партнер. Како што вели, докажале дека единствен стратешки партнер им се само албанските гласачи.
-Ние моментално немаме ништо заедничко со ВМРО-ДПМНЕ освен опозициските позиционирања што ги имаме. Тоа што е комуникација е како со сите политички субјекти. Немаме координација за заеднички постапувања, а има прашања за кои сè уште мислиме дека имаме спротивни ставови. На пример, за мене како политичар, е апсурдно еден опозициски лидер да му се спротивстави на Али Ахмети со објавување фотографија со униформа. Бидејќи немаме потреба сега, имајќи ја униформата на НАТО, да се враќаме во 2001 – смета Хоџа.