Движењето „Беса“ бара меѓународната заедница да го набљудува случајот „Ќелија“, во кој денеска беа уапсени 9 лица осомничени дека соработувале со ИСИС. Од движењето, исто така, бараат овој случај да не се злоупотребува за собирање на политички поени.
-По денешните приведувања на неколкумина осомничени за учество во воени конфликти во други земји во т.н. процес „Ќелија“, Движењето БЕСА, иако го осудува секое противзаконско дејство бара од властите овој случај да не го злоупотребува за секојдневни политички поени. Бидејќи властите во Македонија во неколку наврати го злоупотребиле правниот и безбедносниот систем, притоа креирајќи и монтирајќи различни процеси, особено кога се во прашање Албанците, бараме и од меѓународните организации да го набљудуваат овој процес за да се спречи секоја злоупотреба на законот и при овој случај, се вели во соопштението на „Беса“.
„Беса“ вели дека Албанците во Македонија не треба да бидат жртви на повиците за приклучување кон било какви воени акции и треба да бидат внимателни од таквите манипулации. Инсистрираат на младите Албанците во Македонија да им се овозможат подобри услови за живот, можности за вработување, но и побогат спортски, културен и уметнички живот, за тие да не станат жртви на таквите манипулации.