Во периодот од 2022 до 2024 година, претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, добила надоместоци во вкупен износ од нецели 400.000 денари од Академијата за судии и јавни обвинители, иако не присуствувала на повеќе од половина од седниците на Управниот одбор на Академијата. Притоа, од Академијата велат дека Адеми отсуството го пријавувала непосредно пред почеток на седниците, па немало можност да биде повикан заменик-членот на УО. Таа, пак, тврди дека поканите не биле навремено доставувани.
Според податоците што ги добивме од Академијата за судии и обвинители, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Адеми била член на претходниот состав на Управниот одбор, со мандат од 29.11.2022 до 29.11.2024 година. Исто така, таа е член и на новиот, т.е. актуелниот состав на УО, кој се конституира на крајот на ланската година (30.12.2024) и има мандат до 2028 година (30.12.2028).
Што се однесува на мандатот 2022-2024 година, како што не информираа од Академијата, Управниот одбор одржал 41 седница, додека Адеми присуствувала на 18 седници, што значи дека таа не присуствувала ниту на половина од седниците во наведениот период. Патем, додаваат од таму, таа отсуствата ги пријавувала најчесто непосредно пред почетокот на седницата, па од таа причина немало време и можност да биде повикан заменик-членот.
„Отсуствата од седници најчесто се пријавувани од кабинетот, со телефонско јавување или е-маил порака, и од таа причина не е повикана замената“, велат од Академијата за судии и јавни обвинители, од каде на нашето дополнително прашање дали тоа значи дека Адеми добила надоместок и за седниците на кои не присуствувала, ни одговорија дека согласно начелото на транспарентно и отчетно работење ни ги доставија информациите со кои располагаат, но не можат да изразуваат лични ставови и мислења.
Што говорат информациите што ни ги доставија? Имено, во рамки на мандатот 2022-2024 година на Адеми и се исплатени надоместоци во вкупен износ од 397.835 денари. Земено по години, таа во 2022 година добила 10.00 денари за еден месец, кога се одржале 6 седници, од кои Адеми присуствувала на 5. Во следната 2023 година, пак, се одржале 11 седници, при што Адеми присуствувала на 4 од нив и добила надоместоци од 168.285 денари. И, во ланската 2024 година добила 219.550 денари за учество на 9 од вкупно 24 седници.
![](https://fokus.mk/wp-content/uploads/2025/02/nadomestoci-akademija.png)
Податоци од Академијата за судии и обвинители.
Од Академијата појаснуваат дека во периодот од 29.11.2022 до јуни 2023 година исплатите се вршени според член 19 од тогаш важечкиот Закон за Академија за судии и јавни обвинители. Со донесувањето на новиот Закон за АСЈО, пак, од јули 2023 година до денес исплатите се вршат согласно член 13 од овој закон. Што предвидуваат споменатите законски членови, врз основа на кои се вршеле или се вршат исплати на надоместоци за членување во Управниот одбор од АСЈО?
Според Законот за АСЈО од 2015 година (член 19), „претседателот и членовите на Управниот одбор имаат право на надоместок на патни и дневни трошоци, согласно со прописите со кои се уредуваат тие прашања, освен членовите по функција“. Новиот закон од средината на 2023 година, пак, го уредува ова прашање поконкретно и попрецизно преку член 13, кој гласи:
„Членовите на Управниот одбор имаат право на месечен паричен надоместок кој изнесува 50% од просечната месечна плата исплатена во последните 3 месеци. Членовите на УО, кои имаат живеалиште или престојувалиште надвор од седиштето на Академијата, имаат право на надоместок на патни трошоци, согласно со актите на Академијата. Месечниот надоместок предвиден за работа на членот на УО се исплаќа на членот и заменикот-член пропорционално на бројот на седници на коишто присуствувал во тековниот месец за кој се врши исплатата“.
Оттука, освен тоа што актуелното законско решение ја утврдува висината на месечниот надоместок за учество во работата на УО на АСЈО на ниво од 50 проценти од просечната плата во последните 3 месеци, пропишува дека овој месечен надоместок се исплаќа на членот и заменик-членот пропорционално според бројот на седници на коишто присуствувале во тековниот месец за кој се врши исплатата. Сепак, во случајов заменикот на Адеми не бил повикан, од причина што, според Академијата, таа отсуствата ги пријавувала непосредно пред почеток на седницата.
Во врска со тоа, до Врховниот суд упативме неколку прашања. Прво, зошто претседателката Адеми не присуствувала на повеќе од половина од седниците на УО на АСЈО во периодот 2022-2024? Второ, зошто отсуствата најчесто ги пријавувала непосредно пред почетокот на седниците, поради што немало време и можност да биде повикан заменик-членот? И трето, дали АСЈО исплатила, т.е. Адеми добила надоместок и за седниците на кои таа не присуствувала? Од таму го добивме следниот одговор во име на Адеми:
„Согласно Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, еден член и негов заменик во Управниот одбор се судии назначени од Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија. Првенствено, би сакала да укажам дека неприсуството на одредени седници е поради несоодветната координација на службите на Академијата со членовите на Управниот одбор.
Во таа насока, потенцирам дека по извршената проверка за доставените покани и материјали за одржување на седници на УО, може да се заклучи дека истите не се доставувувани благовремено и согласно Деловникот работа, до членот на Управниот одбор, дури и има ситуации на доставување на материјали на истиот ден во кус временски период пред одржување на седницата.
Имено, членот 6 од Деловникот за работа на УО кој бил во сила во конкретниот период, децидно пропишува дека предлогот на дневниот ред со материјалите се доставуваат до членовите најдоцна 7 дена пред одржување на седницата. За ваквиот проблем континуирано сум укажувала. Материјалите благовремено не биле доставувани ниту до членот, ниту пак до заменикот-член на Академијата, кој, пак, воопшто не добива материјали.
Сметам дека заменикот-член потребно е да ги добива материјалите, бидејќи членот на Управниот одбор не секогаш може благовремено да извести за спреченоста бидејќи тоа зависи од природата и видот на спреченоста. И за ова прашање укажав дека е потребно да се дорегулира. Проблематична е и воспоставената несоодветна практика за закажување на седниците, па и дискусија за одредени точки преку вибер апликација, за што во неколку наврати сум регаирала до службите и до Управниот одбор.
Исто така, треба да се нагласи дека работата во Управниот одбор, практично подразбира и работа вон седниците, особено за актите за кои е потребен поширок консултативен процес и подготовка на предлози. Со оглед на надлежностите на Врховниот суд и на претседателот на судот, како и на судиите на Врховниот суд, секако дека отсуствата биле оправдани и истите во голема мера се должат поради наведените причини, односно при свикување на истите морало и мора да се води сметка за усогласувањето на термините во поглед на службените обврски и должности на членот, кои произлегуваат од неговата примарна функција.
Важно е да истакнам дека за одредни прашања од јавен интерес укажав дека треба да се одржат седници на Управниот одбор, за што никогаш не беа свикани седници, ниту пак ми се даде соодветно образложение зошто не се свикуваат седници за така суштински прашања со импликации за целото судство. Исто така, би сакала да напоменам дека на одредени седници не сум присутвувала бидејќи во тој период ја водев јавно познатата правна битка за одбрана за независноста на судството.
На тој начин, како претседател на Врховниот суд и член на Управниот одбор на Академијата докажав како се штити независноста на судството. Имено, една од законски утврдените цели на Академијата е независно извршување на судиската функција. Лично сметам дека тоа е и една од работните задачи на член на Управниот одбор, кој не се извршува само на седница, туку во поширок општествен контекст.
И крајно, во врска со надоместокот во одговорот на Академијата се наведува дека е реализиран согласно член 13 од новиот закон, а претходно согласно член 13 од тогаш важечкиот закон и покрај тоа што членовите на Управниот одбор не добиваат никакво сметководствено известување за надоместокот, а кое би требало да го добиваат согласно правилата за материјално и финансиско работење.
Управниот одбор согласно Законот, не е надлежен да управува со финансиските средства, односно тоа е во надлежност на органот на раководење и на утврдените работни задачи на Одделението за материјално и финансиско работење, кое за евиденцијата за присуства на седниците потребно е да соработува и да добива податоци од службата за стручно-технички работи на Академијата, особено во поглед за присуството на седница кое се докажува со потпис на списокот за евиденција, согласно правилникот за надоместоците.
Во оваа смисла, Одделнието за материјално-финасиско работење во однос на надоместоците е должно да постапува согласно позитивните прописи, односно да изрши законска пресметка и правилна исплата на надоместоците на членовите на Управниот одбор, а доколку се сторени пропусти, потребно е истите веднаш да бидат корегирани согласно закон“.
Инаку, Академијата за судии и обвинители има надлежност да врши прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука за унапредување на стручноста на судиите и на јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и во јавното обвинителство, специјализирана обука за судиите поротници, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, како и заради вршење аналитичко-истражувачка дејност од областа на правосудната теорија и практика.
Со Академијата управуваат директор, Програмски совет, како и Управен одбор, кој го сочинуваат 9 члена, при што 4 члена и нивни заменици се назначуваат од редот на судиите, од кои двајца членови и нивни заменици се судии назначени од Судскиот совет, еден член и негов заменик се назначени од Здружението на судиите, а еден член и негов заменик се назначени на општата седница на Врховниот суд. Останатите члена и нивни заменици се назначуваат од редот на јавните обвинители.
Работите од својот делокруг, Управниот одбор ги врши на јавна седница доколку е присутно мнозинството од вкупниот број членови. А, во случај кога член на УО е спречен да присуствува на закажана седница, како што пропишува член 12 став 8 од Законот, тој е „должен благовремено да ја извести Академијата, а на седницата се поканува да присуствува неговиот заменик член, на кој му се доставуваат дневниот ред и материјалите за седницата“.
Влатко СТОЈАНОВСКИ