629
Општинскиот кризен штаб во Берово донесе нови мерки и препораки по зголемениот број на позитивни лица со Ковид-19 на територија на општината.
На состанокот што се одржа на иницијатива на градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, беше презентирана фактичката состојба, прогресот на болеста и мерките за превенција и заштита кои ги презема општината.
Пекевски истакна дека бројката од 23 новозаразени на територија на општината регистрирана само за еден ден е голема и упати апел до граѓаните секој во рамки на своите надлежности да влијае на спречување на понатамошно ширење на болеста.
– Предвидени се засилени контроли на сите нивоа, со вклучување на општинските инспекциски служби онаму каде што е потребно. Директорите на јавните установи добија овластување да поведат строги контроли во врска со групирањето по јавните претпријатија, а од ЈП Македонски шуми, побарано е теренско возило за контроли во зимски услови. Исто така побарана е и строга контрола околу движење на несовесни членови на семејството на позитивни лица, кои биле во контакт со истите, истакна Пекевски.
Педвидени се и засилени контроли на викендиците со акцент на групирањето на младите, по што е предвидена и едукација во рамки на потесното семејство за спречување на ваквите појави.
Од општинскиот кризен штаб во Берово апелираат на почитување на мерките и препораките за превенција од Ковид-19.