Берни Сандерс удри по демократите:„Народот е лут, ја напуштивте работничката класа!“

by Fokus

Американскиот сенатор Берни Сандерс остро ја критикуваше Демократската партија по поразот на изборите, обвинувајќи ги дека ја напуштиле работничката класа, поради што тоа им се вратило.

– Не треба да биде големо изненадување што Демократската партија, која ги напушти луѓето од работничката класа, сега откри дека истата работничка класа ги напуштила – напиша Берни Сандерс на социјалните мрежи.

Сандерс, кој се опишува себеси како демократски социјалист, рече дека белата работничка класа прва им го сврте грбот на демократите, но дека сега им се придружија црните и латино работниците.

– Додека демократското раководство брани статус кво, американскиот народ е лут и сака промени и тие се апсолутно во право – напиша 83-годишниот сенатор од Вермонт.

Сандерс се осврна и на борбата на младите луѓе кои се соочени со работна средина загрозена од подемот на вештачката интелигенција и роботиката.

– Денес, и покрај експлозијата на технологијата и продуктивноста на работниците, многу млади луѓе ќе имаат полош животен стандард од нивните родители – рече Сандерс.

Тој ја критикуваше сегашната американска администрација, која испрати милијарди долари на израелската влада за финансирање на војната во Газа, која доведе до „хуманитарна катастрофа“.

Сандерс ги критикуваше „големите капитални интереси“ и „добро платените консултанти“, за кои рече дека ја контролираат Демократската партија, велејќи дека демократите не ги научиле лекциите од минатите кампањи.

– Имаат ли идеја како да се справат со се помоќната олигархија која има толкава економска и политичка моќ. Веројатно не – изјави Сандерс.

Тој вети дека ќе учествува во сериозни политички дискусии и ги повика своите поддржувачи да продолжат да го следат.

Поврзани новости