Северна Македонија не ги оправда надежите за уставни измени – основен услов во преговарачката рамка за почеток на преговори со ЕУ, вели специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, пренесува Труд.бг.
Според Сарацин, европскиот транспортен коридор 8 е од стратешко значење за регионот. Но, како што вели, македонската Влада, покажала дека го изгубила интересот за нејзино спроведување.
Коридорот 8 треба да ги поврзе италијанското пристаниште Бари и албанското пристаниште Драч со Скопје, Софија и Црното Море.
Според Сарацин, наместо овој коридор, во Скопје се дало предност на коридорот 10 меѓу Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Северна Македонија и Грција.
„Транспортните коридори во Европа се во надлежност на Брисел. Во мое лично својство, верувам дека не е во надлежност на една земја да ги менува европските приоритети во транспортната политика“, коментира Сарацин.
„Ова е долг и комплициран процес со многу различни договори. За време на моите разговори во Софија, разбрав дека Бугарија е збунета, но и загрижена од ова барање на Скопје. Изградбата на коридорот 8 е секако од стратешко значење“ рече Сарацин.
Во однос на Декларацијата која беше усвоена во германскиот Бундестаг за Република Северна Македонија, а во која државата беше пофалена за подготвеноста да влезе во ЕУ, германскиот дипломат вели дека за жал, нивните надежи за посветеноста на Скопје за промена на Уставот, не биле оправдани.
„Оваа промена е главниот услов на Советот на ЕУ за обезбедување на преговарачката рамка за Скопје“, нагласи Сарацин.
Тој додаде дека целта на декларацијата на Бундестагот била да делува како мост за преминување на политичкото раководство на Република Северна Македонија, покажувајќи им на луѓето таму дека немаат причина да се грижат за својот идентитет, јазик и култура и дека Германија е на нивна страна.
„Но во исто време тоа беше сигнал за Бугарија дека сме обединети во нашето верување дека бугарското население во Северна Македонија ќе биде вклучено во Уставот“, рече Сарацин посочувајќи дека очекувал овој мост да биде убав и стабилен. Но, како што рече, за жал, се покажало дека македонската страна се уште не може да помине низ тоа.
Според Сарацин, Бугарија има многу можности преку својата посветеност на европската интеграција на Западен Балкан да заработи уште поголема почит од другите земји-членки на ЕУ.