Голем број на музички ѕвезди од соседството имаа бериќетен викенд, по одржаните настапи во локали ширум нашата земја. Настаните кои предизвикаа голем јавен интерес, привлекоа многу гости, но и прекршување на мерките за заштита од корона вирус, очигледно добро беа ,,искеширани” од страна на музичарите од странство, бидејќи за поголемиот дел од нив се наплаќаа влезници по цена од 1.200 денари, а се правеа и резервации на маси со пијалок по цени од 8.000 денари, па нагоре, во зависност од изборот на пијалокот.
Концертите на музичарот Владо Георгиев, кои завршија неславно и со приведување на одговорното лице на локалот каде пееше Георгиев, поради кривично дело – непостапување според здравствени прописи за време на епидемија- казниво по член 206, став 2 од КЗ на РСМ, се само дел од низата настани кои беа актуелни викендов. Свои концерти имаше и Тони Цетински во локал во Скопје, а во истиот локал пред него гостуваа и Петар Грашо, Фрајле и други странски гости.
Тој пееше викендов и во Струмица. Во Пробиштип, гостите на аква паркот се журкаа со Амар Гиле, а пак во Струмица со раперот Девито, кој исто така викендов имаше и концерт во Штип. Во Штип во локал настапи и Едита, а на истата локација минатата недела пееше Наташа Беквалац, а пред тоа Теодора Џехверовиќ.
Повеќето странски музичари кои викендов дојдоа во земјава со цел да одржат по еден концерт, сепак, како што наведуваа организаторите на настаните, поради голем интерес од страна на публиката, на крај се решиле за одржување на два, па и по три концерти.
Поплаките на нашите музичари, дека во ова кризно време ,,кајмакот” го собираат странските пејачи, наместо да се поддржат домашните, не вродија со плод, па за време на сите настани имаше публика во голем број, што се гледа и на фотографиите и видеата во живо кои ги споделуваа гостите на социјалните мрежи.
Вики Клинчарова