Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска изјави дека родовиот прогон може да претставува злосторство против човештвото.
Зборувајќи како претседавач со министрите за надворешни работи на Г7, таа најостро ја осуди одлуката на Талибанците да им забранат на жените да одат на универзитети, што, заедно со другите мерки преземени од талибанците, може да изгледа како систематска политика.
– Авганистан е потписник на Римскиот статут, според кој родовиот прогон е злосторство против човештвото, рече Бербок.
Десетици жени се собраа денеска пред универзитетот во Кабул во знак на протест против одлуката на Талибанците да ги затворат универзитетите за жени.
Талибанската Влада во Авганистан се соочи со критики, вклучително и од странските власти, поради одлуката да им се забрани на жените да студираат.