Бербок: Преговорите со Македонија да почнат до јуни, веќе одамна доцниме

by fokus

Северна Македонија и Албанија треба да ги започнат преговорите за членство во ЕУ во првата половина на 2022 година, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.

– Земјите како Украина, како и други држави, одамна ја гледаат својата иднина во ЕУ. Не само што нема да ги разочараме овие земји, туку ќе го одржиме ветувањето за членство во Европската унија. Тоа важи и за некои земји од Западен Балкан, пред се Албанија и Северна Македонија, и токму затоа сега во првата половина од годината мора конечно да ги започнеме пристапните преговори со Тирана и Скопје, рече Бербок по средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.

Според неа, отворањето на пристапните преговори со двете земји е одамна задоцнет чекор.

Бербок нагласи дека имала билатерални разговори со бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска, при што двете се согласиле дека во сегашната ситуација клучно е да започнат преговорите за влез на Албанија и Северна Македонија во ЕУ.

Таа упати порака и до српските власти дека мора да ги поддржат политиките на ЕУ, вклучително и санкциите кон Русија, доколку Белград сака да стане дел од Европската унија.

Поврзани новости