Бербок: Да не се шпекулира со смртта на Пригожин

by Fokus

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок предупреди да не се шпекулира за авионската несреќа во која, според руските власти, загинал Евгениј Пригожин, јави ДПА.

Рускиот регулатор за цивилно воздухопловство Росавијација соопшти дека на списокот од 10 лица во урнатиот авион е и името на лидерот на приватната воена компанија „Вагнер“.

Ниту Росавијација, ниту кој било друг официјален извор од Руската Федерација, недвосмислено нема кажано дека Пригожин загинал.

„Не треба да избрзувате со заклучоци“, изјави Бербок за радио „Дојчландфунк“.

Бербок рече дека стравува дека „Русија ќе ја продолжи својата цинична игра со или без „Вагнер“, и тоа не само во Украина, туку и во Африка“.

„Пригожин и ‘Вагнер’ се одговорни за ужасните дела против украинскиот народ“, додаде Бербок.

Авионот со седум патници и тројца членови на екипажот се урна во близина на селото Куженкино, во областа Твер, на околу триста километри северозападно од руската престолнина Москва, појасни ДПА.

Инцидентот останува обвиен со мистерија и ги поттикна шпекулациите за причината за наводната смрт на Пригожин, кој беше отворен критичар на високи функционери на руското Министерство за одбрана, забележа ДПА.

 

Прокремљовската телевизија „Царград“, повикувајќи се на свои извори, соопшти дека телото на Пригожин е веќе идентификувано, но ДНК анализата се уште не е готова.

Поврзани новости