Бербок бара светот да преземе одговорност за Појасот Газа: Тоа го знаеме од страшните војни на Западен Балкан!

by Fokus

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во интервју за Дојче веле (DW) зборува за можната иднина на Појасот Газа и смета дека е вознемирувачко мислењето дека Германија е еднострано на страната на Израел.

Нема да има лесни решенија за овој исклучително тежок конфликт, смета таа.

„За да се постигне безбедност, потребна е меѓународна одговорност. Тоа го знаеме од страшните војни на Западен Балкан. И таму меѓународната заедница ја презеде одговорноста. Зашто, во ситуацијата кога се случија најтешките злосторства, едноставно немаше повеќе доверба во актерите во регионот. Можам да го видам тоа сега“, рече Бербок во интервјуто за телевизијата ДВ во Берлин.

Бербок потсети дека на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Токио пред две недели, таа рече дека не треба да има повторна окупација на Појасот Газа од страна на Израел. Во тоа ја поддржа американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Од терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври, Бербок неколкупати била во регионот. Таа ги посети Израел, палестинските територии, но и соседните арапски држави како Јордан и Египет.

Во интервју за ДВ таа ги опиша своите чувства за ескалацијата на насилството:

„Никој што е овде во тивкиот и безбеден Берлин навистина не може да замисли што значи тоа за луѓето таму. Се сретнав со таткото и сопругот на едно од семејствата со германски пасоши кои се заложници на Хамас. Ми опиша како му ги киднапирале сопругата и двете ќерки. Тешко е да се поднесе кога ќе замислите дека тоа се ваши деца. Го имав истото чувство кога бев во Рамала и разговарав со човек чија сопруга и син единец ги загубија животите во Газа“.

Бербок остро се спротивстави на обвинувањата на муслиманите кои живеат во Германија – дека Германија, со оглед на својата историја, посветува помалку внимание на страдањата на луѓето во Појасот Газа и окупираните територии, а повеќе на страдањата на Израелците. Залагањето за постоење на државата Израел, како што рече, е и останува германската национална причина:

„Мојата земја, нацистичката влада во Германија, е одговорна за смртта на повеќе од шест милиони Евреи. Тоа што некои сега критикуваат дека зборуваме за лекциите од Втората светска војна – на кои се заснова меѓународното право за никогаш повеќе да не се случи геноцид – сметам дека тоа е крајно вознемирувачко“.

Таа, како што вели, ја вознемири и тоа што некои муслимански здруженија во Германија го осудија нападот врз Израел на почетокот на октомври.

Поврзани новости