Во Тиквешијата периодов пристигнаа голем број на групи, берачи на грозје од повеќе општини од земјава. Доаѓаат цели семејства, најчесто од кочанско, струмичко, виничко и други места, и остануваат во Кавадарци и Неготино по неколку месеци, додека трае бербата.
Оваа година тие излегоа со нови, повисоки цени од лани и за ангажман од шест наутро до 12 на пладне, бараат 1.500 денари, превоз до лозјето и назад, како и обезбеден појадок или пак 100 денари доколку самите треба да си го купат појадокот.
На социјалните страници посветени на Тиквешијата се актуелни повеќе огласи на берачите, каде ги објавуваат своите услови за берба и оставаат контакт телефони, а исто така имаат залепени и плакати на улиците.
Новите цени, кои се за 200 денари повисоки од лани, наидоа на критики помеѓу лозарите, па под објавите на берачите можат да се сретнат цели реферати и обвинувања, дека не се мисли на реалната состојба со лозарството, и се бара преку леб погача со новите цени.
„Фокус“ разговараше со берачи од кочанско, кои со години наназад се присутни во Тиквешијата за гроздоберот, и тие едногласно велат дека се работи за тешка работа, на сонце, па сакаат трудот да им биде платен достоинствено.
-Тоа се финалните цени за оваа сезона. За шест часа минати на лозје бараме 1.500 денари, плус појадок и превоз. Имаме кратки паузи, додека да појадуваме, може да одмориме по пет-десет минути во неколку наврати, и во 12 сакаме да си заминеме од лозјата.
Поручек, исто така се случува да бидеме ангажирани, цената е 250 денари од час за берба попладне.
Лани, да, беревме за 1.200 денари, поручек бербата од час беше 200 денари, ама се е поскапено, не ни се исплати по тие цени да одиме.
Читаме на социјални мрежи, не напаѓаат лозарите, скапо им било, грозјето немало цена, па да ги прашаме, што сме им ние виновни што тие не можат да се изборат за добра цена на грозјето со години наназад?- прашуваат берачите.
Потсетуваат дека од 2019 година започнале да берат за 1.000 денари за шест часа, но и дека пред десет години дневницата им беше 600 денари, и тврдат дека сегашните цени им се приспособени според животните трошоци.
-Не сакаме ова да го кажеме, ама лозарите на кои им е скапо, нека си го берат грозјето сами. Со години се жалат дека откупните цени се ниски, и наместо да се расправаат со нас, берачите, нека си бараат помош од државата. Ние нашиот труд си го цениме, береме од час, а не од килограм, и тоа се условите!- истакнуваат берачите.
Околу откупните цени на грозјето, чија берба годинава ќе започне порано поради високите температури, се уште нема официјална информација за лозарите.
Според Законот за вино, гарантираните цени на сортите смедеревка и вранец требаше да бидат објавени до 15-ти јули, но од Министерството за земјоделие истакнаа дека има задоцнување во објавата на цените, бидејќи претходната Влада не ја донела навремено методологијата и не ја ускладила со законодавството, но тие давале се од себе за кратко време да се излезе со гарантираните цени.
Во меѓувреме, помеѓу лозарите се прошири ценовник за бербата на грозје 2024 година, на најголемата винарска визба Тиквеш, каде е наведено дека килограм смедеревка ќе се откупува по цена од 16,5 денари, а пак килограм вранец по цена од 19 денари за килограм.
Од министерството изјавија дека ниту една винарија не е таа која ќе ја соопшти производната цена, туку тоа ќе го стори Министерството за земјоделство.
Вики Клинчарова