Берач на грозје заминал да купи храна, кога се вратил го пронашол своето дете удавено во канал

by Фокус
Дете на возраст од две години се удави во отворен канал за наводнување во Градско, во атарот на село Долно Чичево. Тоа престојувало со својот татко во Градско, поради актуелната берба на грозје. Според СВР Велес, таткото заминал во Градско синоќа, околу 19 часот, за да купи храна, а детето го оставил во местото каде престојувале со повеќе берачи. Се вратил по еден час, па откако не го нашол во шаторите каде биле сместени, започнал да го бара.
-Таткото го пронашол детето удавено во каналот за наводнување. Се работи на случајот, не знаеме дали и неговата мајка била со нив, и кому тој го доверил детето на чување додека бил во продавницата. Лекар од Градско констатирал смрт без траги од насилство, и извршен е увид на местото на настанот. Телото на детето е предадено на обдукција – изјави Верољуб Додевски од СВР Велес.
Периодов во Градско, Демир Капија, Кавадарци и Неготино има голем број на берачи на грозје од сите страни на земјава. Доаѓаат во големи групи и остануваат до средината на октомври, односно додека не заврши гроздоберот. Многу од нив престојуваат на отворено, во импровизирани колиби од картони или шатори, а некои изнајмуваат соби, во кои најчесто се сместени и по 20 лица. Речиси сите доаѓаат со цели семејства и ги носат децата со себе, а најчесто и додека се на берба на лозјата, децата доаѓаат со нив.
В.К.

Поврзани новости